Мицкоски со изненадувачки престврт за јавниот превоз во Скопје: Проектот за БРТ не е напуштен

Фото: Бојан Блажевски

Откако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, како и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, која ја поддржа кандидатурата на Арсовска, во повеќе наврати излегоа со тврдења дека со воведувањето на БРТ, односно „брзи автобуси“ ќе се уништело средишното зеленило на булеварите, ќе се доведе во опасност главната водоводна цевка под булевар Партизански одреди и серија на други критики за проектот, вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, рече дека проектот не бил напуштен, туку само се корегираат грешките.

„Проектот БРТ не е напуштен туку грешките кои што претходниот градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ Петре Шилегов во проектот, всушност нема проект туку таму има само желба, технички ги корегираме“, рече Мицкоски.

Инаку, од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за „Мета“ рекоа дека нема проблеми во поглед на проектот, бидејќи банката презема многу сериозна одговорност во однос на транспарентноста на проектите.

Тендерот за изградба на првата БРТ-линија беше распишан кон крајот на октомври лани. Планирано беше на трасата со должина од 12,81 километри да се движат еколошки автобуси долги 18 метри, да има 21 автобуска постојка долж целата траса, како и 2 терминала во Ѓорче Петров и Ново Лисиче. Со имплементацијата, се очекуваше времето на патување со јавниот превоз од сегашните 70 минути да се преполови на 35 минути за граѓаните кои го користат јавниот превоз.

Тендерот следеше откако во април минатата година беше потпишан договорот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за земање кредит од 70 милиони евра за изведба на двете БРТ линии во Скопје. Проектот за БРТ беше разгледан од ЕБОР, а задолжувањето на земјава помина на гласање и во Собранието на РСМ.

Но Град Скопје во средината на декември лани, значи пред отприлика три месеци, соопшти дека е стопиран тендерот за изградба на првата линија.

„Според анализите кои биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје се укажува на бројни недостатоци и ризици од проектот кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи“, одговорија од Град Скопје за Мета.

По објавувањето на одлуката за стопирање на проектот, реагираше СДСМ, кој го нарече потегот скандалозен, порачувајќи дека е направен проектот за првата траса, потпишан е Договор со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси на БРТ системот. Од СДСМ потенцира дека овој потег на Арсовска, освен што е против интересите на скопјани, е на директна штета на градот но и на државата, пред меѓународни финансиски институции, како што е ЕБОР.

Од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со реакција на пресот на СДСМ, во која велат дека претходното градско раководство четири години мавтало со хартија за проектот БРТ и го наметнале крајно нетранспарентно без мислење на експертската јавност. Според ВМРО-ДПМНЕ, на уште понетранспарентен начин, непосредно пред изборите е објавен тендерот.

Од оваа партија тврдат дека БРТ проектот требало да се спроведе дури за 10 години, а на Скопје му требаат проекти кои ќе понудат решение за актуелната состојба со сообраќајниот хаос.

Од ЕБОР за Мета.мк неодамна посочија дека објавуваат детални информации за сите проекти на нивната веб-страница, вклучувајќи ги и документите за брзиот автобуски превоз.

„Сите наши проекти се предмет на многу детална проверка, пред да бидат одобрени и горди сме на високите стандарди според кои се раководиме, и истото го очекуваме од нашите партнери и клиенти. Постојат голем број на чекори на заштита и проверка, кои што ги применуваме за да обезбедиме услови за нашите проекти да ги задоволат овие стандарди“, информира од ЕБОР.

Па така, проектот е разгледан од ЕБОР и проценката за неговиот импакт е оценета со 70, на скала од 0 до 100, со што тој се наоѓа на границата помеѓу добри и силни проекти оценети од Банката.