„Ги уверувам граѓаните дека во овој момент состојбата е стабилна и не гледам никаква причина за страв од немање енергенси, воведување на кризна состојба и во делот на пазарот на електрична енергија и во делот на пазарот на нафта и нафтени деривати“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој, сепак, потенцира дека иднината во следните месеци е неизвесна и дека ќе има предизвици кои зависат од други фактори, но и дека ќе продолжат да собираат информации, да анализираат и да носат одлуки.

Мицкоски информира дека доколку има нови зголемувања на цените на безоловниот бензин и на дизелот, Владата ќе го продолжи рокот на мерката за намалување на ДДВ од 18 на 10 отсто, која е најавено дека ќе трае две недели. Тој рече дека ако треба ќе продолжи и кризната состојба а може да се активираат и други алатки на располагање, како намалување на акцизите.

„Утрово суровата нафта од типот ВТИ и од типот Брент е околу стотина долари за барел, значи има благо намалување. Ќе видиме до петок и тогаш ќе можеме да знаеме која ќе биде цената којашто во понеделник Регулаторна комисија би ја донела. И врз основа на тоа ќе носиме одлука за време на викендот, ако треба и вонредна седница на Владата ќе свикаме“, рече Мицкоски.

Тој информира дека во моментов ЕСМ има на располагање некаде околу 3.200 тони мазут, кои можат кога сакаат да ги повлечат, доколку имаат потреба. Акумулациите се над 40% пополнети, што, според премиерот,  е доволно количина вода и за производство на електрична енергија и за земјоделците за наводнување. „Деновиве во одредени моменти од денот, ЕСМ продава на берзи и заработува од 100.000 до 150.000 евра на ден. Нема да има поскапување на цената на електричната енергија за граѓаните, така што целата состојба е под контрола, рече Мицкоски и уште еднаш повтори дека Македонија е единствената земја во регионот којашто оваа недела не ги покачи цените на горивата и дека има најниски цени на горивата во регионот.