Премиерот Христијан Мицкоски денеска при посета на Општина Сарај поради увид во регулацијата на коритото на „Сува река“, одговарајќи на новинарско прашање изјави дека со пресудата во предметот „Талир 2“, со која беше ослободен неговиот претходник и белагец од правдата, Никола Груевски, рече дека правда е задоволена „во делот што се однесува на ВМРО-ДПМНЕ“. Во однос на ослободувањето на Груевски, според Мицкоски, за тоа е виновна опозицијата, поточно СДСМ и ДУИ и нивните измени на Кривичниот законик од 2023 година со кои се овозможи побрзо застарување на делото злоупотреба на службена положба.

„И како резултат на тие законски измени ние кажавме во минатото многу политички амнестии имаше, но многу политички амнестии ќе следат. За жал кога еднаш ќе направите грешка таа грешка потоа станува правило и ве следи. А што се однесува до најголемата политичка партија во државата ВМРО-ДПМНЕ можам да кажам дека конечно правдата е задоволена“, рече Мицкоски во Сарај.

Тој оцени дека случаите Талир 1 и 2 биле политички мотивирани и претставувале, како што наведе, „вид на агресија“ и „политички прогон“ врз ВМРО-ДПМНЕ во периодот кога СДСМ беше на власт.

Тврдењето на Мицкоски дека бегалецот од правдата, Никола Груевски, кој ужива азил во Унгарија, бил ослободен поради измените на Кривичниот законик, е на иста линија со тврдењето на судијката Даниела Алексовска-Стојановска од Основниот Кривичен суд Скопје која донесе ослободителна пресуда.

„Ваквата ослободителна пресуда е исклучиво резултат на донесување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во 2023 година, а како директна последица на која што беше и укинувањето на првостепената пресуда во овој предмет, како што тоа го констатира Апелацискиот суд Скопје во второстепената одлука во овој предмет“, рече Алексовска-Стојановска.

Инаку, во април годинава, предметот „Талир 2“ го презема обвинителот Кристијан Смилевски од ОЈО Скопје, откако обвинителката Ленче Ристовска си поднесе оставка. Таа во своето писмо до медиумите рече дека повеќе не постојат услови за независно и принципиелно извршување на обвинителската должност. Тоа се случи кратко откако новиот државен јавен обвинител Ненад Савески донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза, вклучувајќи го и предметот „Талир 2“ против владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа, фактички, Ристовска беше тргната од случаите против ВМРО-ДПМНЕ.

Во јануари 2024 година, пак, поради измените на Кривичниот законик во делот на кривичното дело злоупотреба на службена должност и овластувања, Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда за случајот „Талир 2“ и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд.

 

Груевски доби ослободителна пресуда, Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ се спаси од конфискација