Премиерот Христијан Мицкоски на новинарското прашање дали се потребни поголеми мерки откако инфлацијата достигна околу 4,9 отсто, а синдикалната кошница за едно четиричлено семејство не може да се покрие со две минимални плати, ја исправи новинарката дека станувало збор за просечна, а не минимална кошничка.

„Доколку мислите на кошничката подготвена од Сојузот на синдикати, самите автори рекоа дека е просечна, а не минимална“, појасни Мицкоски.

Во однос на прашањето дали владата самата смета дека треба да донесе нови мерки бидејќи граѓаните се сведоци во маркетите на драстично повисоки трошоци, премиерот се согласи, додавајќи дека она со кое располага владата е погдотовка на „микротаргетирани мерки“.

„Ја следиме состојбата и ќе носиме мерки во зависност од како истата се развива“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека при носењето на мерките треба да се земе предвид и враќањето на околу две и пол милијарди евра стари долгови што ги има државата.

„Враќаме солидарен данок, исплаќаме колективни договори, а истовремено нè снајдоа и две војни. Тоа се многу предизвици, но не кукаме“, рече Мицкоски додавајќи дека се следи и однесувањето на трговските синџири преку вонредни контроли на Државниот пазарен инспекторат.

На прашањето колку ќе влијае намалувањето на данокот и акцизата од горивата врз државниот буџет, премиерот рече дека е рано да се проектира што ќе се случи во понеделник, кога Регулаторната комисија за енергетика ќе ги определи новите минимални цени на горивата, но ситуацијата ќе се следи.

„Според статистиката трошоците за живот се зголемени за 4,9 отсто на годишно ниво, а 0,7 на месечно што значи дека повторно сме меѓу првите пет држави во Европа. Помала стапка на инфлација имаат само Словенија, Словачка, Естонија и Белгија, додека сите други земји на месечно ниво имаат стапка на инфлација од 1,5 до 2 или повеќе“, истакна Мицкоски.

Тој најави дека Владата има стратегија за периодот по 20 април, кога истекуваат намалената акциза на горивата и попустот од „Окта“ очекувајќи дека со смирувањето на тензиите меѓу САД и Иран цената на суровата нафта ќе падне под 90 долари за барел. Според него, земјава веќе 40 дена има најниски цени на горивата во регионот.

„Факт е дека граѓани од други држави доаѓаат за да полнат гориво на нашите бензиски пумпи. За 20 до 30 отсто во некои денови е зголемена потрошувачката на горива. Сега имаме земја која генерира стабилност во регионот, за разлика од порано“, изјави премиерот.

Мицкоски даваше изјава на заеднички настан со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш по повод почеток на реконструкција на улицата „Брсјачка Буна“.