Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со неверување ја примил информацијата дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја стопирало истрагата за набавката на мазут, предмет во кој е опфатен поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање за време на пуштање во употреба реконструираниот дел од болницата ГОБ „8-ми Септември“, Мицкоски рече дека бил шокиран од ваквата одлука, но оцени дека е добро што АД ЕСМ најавува жалба откако ќе ја добие одлуката.

„Јас со неверување ја слушнав таа вест, бев шокиран од тоа што го слушнав. Добро е што АД ЕСМ, кога ќе ја добие одлуката, ќе вложи жалба. Очекувам дека случајот повторно ќе биде вратен на преразгледување и повторна анализа“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, доколку тоа не се случи, обвинителството, како што рече, „дефинитивно го губи својот кредибилитет“.

Мицкоски го спомена и обвинителот Ислам Абази, кој е на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, велејќи дека за него веќе било доволно говорено во јавноста.

„ОЈО ГОК со овој обвинител, со Ислам Абази, сме го коментирале. Не треба дополнително што да кажам. Јавноста знае за каков обвинител станува збор“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека во текот на вчерашниот ден разговарал и со јавниот обвинител Ненад Савески, кој, според Мицкоски, го информирал дека не бил запознаен со одлуката на ОЈО ГОК.

Премиерот очекува, по жалбата што треба да ја поднесе АД ЕСМ, предметот повторно да биде разгледан и анализиран.