Во пресрет на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта попладнево во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека позицијата на Владата останува непроменета и дека нема да поддржи, како што рече, „авантура без извесен крај“.
„Ние сме дале став по тоа прашање и нашиот став е непроменлив. Немам намера како премиер да поддржам авантура. Сме компетитивни, знаеме и сакаме да го изодиме овој процес, но без да имаме извесен крај не можеме да влеземе во авантура. Граѓаните 3 и пол децении беа сведоци на такви авантури и сме на исто место каде што сме биле и пред 25 години. Несериозно е да се очекува дека сега ќе дојде висок европски политичар и ние ќе ја промениме нашата позиција“, кажа Мицкоски.
Според него, за да се изгради доверба треба да се види испорака од другата страна, бугарската.
„Најмалку што можеме да добиеме како држава се нови заклучоци оти на тој начин ќе се потврди довербата. Прво треба да разговараме, но ние не разговараме со ЕУ, ние сме подготвени да разговараме. Треба да се посветиме на испораката на европската агенда, така што јас би зборувал за овие теми, па ако има доверба, да влеземе во следна фаза. Ние не знаеме со кого да разговараме. Софија вели дека ова е проблем меѓу ЕУ и Македонија. Ние сме сериозни и сакаме да разговараме. Бугарија се соочува со внатрешни реструктуирања, гледаме дека на историско високо ниво е инфлацијата. Лажирале финансиски извештаи за да го ублажат буџетскиот дефицит. Но ние како добар сосед сме тука да помогнеме“, кажа Мицкоски.
Според најавата, попладнево ќе биде остварена тет-а-тет средба меѓу Мицкоски и Кошта, по што ќе следи состанок помеѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет.
