Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, коментирајќи ги евроинтегративните процеси на Албанија и Црна Гора, како и на Молдавија и Украина во однос на Македонија и нашиот евроинтеграциски процес, ја обвини опозицијата за која вели дека е таа што ја довела Македонија во сегашната состојба, бидејќи прифатила предлог што не успеала да го испорача, но и кој е целосно асиметричен во однос на националните интереси на граѓаните и на државата.
Мицкоски рече дека чувствува одговорност единствено пред граѓаните, кои во овој момент ја даваат својата поддршка на политиките што ги води неговата Влада. Тој рече дека тие се уморни од национални отстапки без какви било гаранции и исфрустрирани од континуирани ветувања и неисполнети надежи што се случуваа изминатте години, па и со децении.
„Ние сме најнапредната држава во регионот кога станува збор за спроведување реформи. За мене, промена на Уставот и прифаќање на она што го прифати претходната Влада не е реформа. Нашиот став е јасен и прецизен. Граѓаните очекуваат да се заштити македонскиот национален идентитет и ние тоа го правиме. Постои простор за разговори и барање решенија, оти Владата е конструктивна. Но, безусловно да ставам потпис на нешто што го прифати претходната Влада, на капитулација, додека сум на оваа функција, нема да направам. На избори граѓаните ќе го кажат својот суд, ако сметаат дека сум погрешил, ќе гласаат за спротивната политичка опција, ние ќе заминеме во опозиција, а јас ќе се повлечам од политиката“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека Владата ќе продолжи со реформите, како и дека е подготвена да работи конструктивно, но не и деструктивно.
