Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска најави нова странска инвестиција во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип, како и почеток на примена на електронскиот систем за фактури (е-фактури) од 1 јули.
„Имаме добра вест – нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема,“ изјави премиерот.
Дополнително, Мицкоски говореше и за воведувањето на системот за електронско фактурирање.
Според него, системот за е-фактурирање започнува со примена од 1 јули, со имплементација преку софтвер-компанијата што ќе биде задолжена за стартот на проектот.
„Еве конечно денес после повеќе од 10 години добива почеток и од она што го добивме на брифингот пред оваа прес-конференција е дека првиот кик оф, значи почнувањето со софтвер компанијата за имплементација ќе почнат 1 јули,“ рече премиерот.
