„Владата цени дека пократкиот пат за членството во ЕУ има предизвици, кои најчесто се понижувачки. И затоа сметаме дека ќе одиме по потешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака. И тој потежок пат има своја цена. Достоинството нема цена и затоа велам нема пократок пат“, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на Самитот 2026, што се одржува со мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“, во организација на „Македонија 2025“.
Мицкоски коментираше и за начините да се дојде до повисоки стапки на економски раст, за кој рече дека зависи од поврзувањето.
„Македонија има предност пред земјите од регионот бидејќи е место на поврзување на два важни европски коридори, Коридорот 10 и Коридорот 8, кои ги поврзуваат северна и јужна Европа, односно централна Европа преку Коридорот 10 со Медитеранот преку Егејското Море, и Јадранското и Јонското со Црното Море преку Коридорот 8,“, посочи премиерот.
Мицкоски додаде дека доколку го постигнеме тоа поврзување, кое досега не е направено, земјата ќе може да се развива во сите правци, заради што потенцираше дека проектите за изградба на автопатите, пругите, енергетското и гасното поврзување, се прв приоритет на Владата.
Тој ги коментираше и влијанијата на кризата на Блискиот Исток врз македонската економија и очекувањата за годината.
„Стоиме добро во даночната политика, иако има потфрлање кај акцизите, но тоа е очекувано со оглед на тоа дека е кризна состојба и дека заради цените на горивата ги намаливме, но во ниту еден момент не рековме дека ќе го лимитираме или забраниме извозот. Кризата е една од најголемите непознати во моментов за Владата, веројатно како и за речиси сите влади во светот и мора да претпоставуваме сценарија и да носиме решенија“ нагласи Мицкоски.
Тој повтори дека годинава, според ММФ ќе дојдеме до номинален БДП од 22 милијарди долари што е трипати зголемен за две години, во споредба со периодот од 2018-2026 година, но нагласи и дека тоа не е доволно брзо, но е очекувано со оглед на условите кога нашиот најголем трговски партнер, ЕУ, има 2,5 пати помал раст на БДП и потрошувачката.
