„Македонците многу добро ја разбираат цената на слободата, нашата историја не е на покорување туку на отпор на луѓе и генерации кои ја чувале идејата за свој јазик, идентитет, држава и достоинство, рече премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, што Мицкоски го опиша како ден што не е само датум, туку е врежан во совеста на човештвото, што покажува дека злото може да биде поразено, дека тиранијата не е вечна, а слободата ја наоѓа силата во народите кои не се предаваат.
Тој посочи дека делата на илјадниците учесници во борбата за слобода мора да се паметат, бидејќи тие во Втората светска војна, заеднички, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, застанале на вистинската страна на историјата. Тие, како што рече, не се бореле само против окупаторот, туку и за правото човекот да живее слободно, да говори на свој јазик, да го чува своето име и да верува во иднината, заради што нвниот подвиг не смее да биде релативизиран.
„Слободата не е подарок, туку избор, жртва и одговорност. И колку тоа некој да сака да го сокрие или прескокне, нашите предци беа на исправната страна на историјата. Имаше и такви челници на народи кои тоа не беа. Беа непријатели во оваа битка и низ нишан се гледаа. И тоа не беа администратори, туку окупатори“, рече Мицкоски, потенцирајќи дека тоа се историски факти.
Премиерот посочи дека кон ниту еден народ не треба да се гледа како кон непријател, бидејќи одлуките донесени во текот на Втората Светска војна биле резултат на нивните тогашни раководства.
„Од урнатините на војната се роди идејата за европско обединување, како завет дека народите нема да се уништуваат меѓусебно, врз основа на солидарност и принципи, кои треба да важат за сите и да донесат иднина. Ние се уште веруваме дека Европа е нашиот единствен пат. Нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија. Но, исто така, постои и горко искуство од многу откажувања, препреки и неразумни спорови на овој наш пат. Тоа силно и длабоко фрустрира, кога принципите се кршат токму врз грбот на оние кои бараат принципи и праведна шанса. Исто како што обесхрабрува и рамнодушноста на многу поголеми држави кон овие неправедни епизоди на нашиот народ и држава. На Европа не гледам само како на географија, Европа треба да биде вредност, верба во човековото достоинство, во демократијата, во владеењето на правото, во почитта кон различностите и во правото секој народ слободно да чекори по својот пат“, рече Мицкоски.
