Мицкоски денеска до Собранието ќе го достави предлогот за новата влада

Во 13:30 часот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе го достави предлог составот на владата во Собранието на Република Македонија, а веднаш потоа во прес центарот на Собранието ќе одржи прес конференција

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар на новата влада, Христијан Мицкоски, попладнево во 13:30 часот во Собранието ќе го достави предлог составот за новата влада.

„Денеска 18.06.2024 година во 13:30 часот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе го достави предлог составот на владата во Собранието на Република Македонија, а веднаш потоа во прес центарот на Собранието ќе одржи прес конференција“, информираат од партијата.

Претходно мандатарот за состав на влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неделата по седниците на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на јавноста и ги соопшти предлозите за министри во новата влада:

Заменик министер на Владата и министер за транспорт – Александар Николовски;
Министер за одбрана – Владо Мисајловски;
Министер за финансии – Гордана Димитриеска Кочоска;
Министер за надворешни работи и надворешна трговија – Тимчо Муцунски;
Министер за локална самоуправа – Златко Перински;
Министер за информатичко општество и дигитална трансформација – Стефан Андоновски;
Министер за спорт – Борко Ристовски;
Министер за енергетика, рударство и минерални суровини – Сања Божиновска;
Министер за земјоделство – Цветан Трипуновски;
Министер за култура и туризам – Зоран Љутков;
Министер за внатрешни работи – Панче Тошковски;
Министер за образование и наука – Весна Јаневска;
Љупчо Димовски, заменик претседател на Владата, одговорен за политички систем,
Иван Стољковиќ, заменик претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците,
Шабан Салиу, министер без ресор задолжен за имплементација на декадата на Ромите.

Во Владата влегуваат и коалицијата „Вреди“ и движењето ЗНАМ. Од Алтернатива веќе соопштија дека за министер за европски прашања ќе го предложат ексдиректорот на МЕПСО и на „Македонски железници – транспрот“, Орхан Муртезани, а Лулзим Алиу и Сафије Садики-Шаини се кадрите што партијата ги предлага за заменик-министри во министерствата за образование и наука и за етнички заедници.

Предлози за министри во министерствата за правда и за јавна администрација ги соопшти движењето ЗНАМ – за министер за правда е предложен Игор Филков, додека кандидат за прв човек во Министерството за јавна администрација е Горан Минчев.

Своите кандидати за раководните позиции во три ресори ги соопшти движењето Беса. Фатмир Лимани е кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, а Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам.

Претседателот на Демократско движење, кое е дел од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, најави дека веројатно тој ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, додека Арбен Таравари ќе биде министер за здравство. Според Меџити, сериозен кандидат за вицепремиер за добро владеење е Арбен Фетаи, кој беше од крилото на Таравари во Алијансата за Албанците.