Мичел до Мицкоски: Дајте им простор на пратениците да одлучат како ќе гласаат за уставните промени


       
Вашингтон, 16 октомври, 2018 - 17:45 (META) 

Помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел, во писмо испратено денеска до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара првиот човек на најголемата опозициска партија да се заложи и јавно и приватно да им се отвори простор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени во Собранието да се изјаснуваат по своја волја.

Седницата за уставните измени почна вчера.

Во писмото што го објави амбасадата на САД во Скопје, Мичел, обраќајќи се на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со „Драг Христијан“, го потсетува Мицкоски на кажаното во разговорите, односно дека САД цврсто веруваат дека Преспанскиот договор е историска шанса за Македонија за посветла иднина и придонес за регионалната безбедност, стабилност и просперитет.

„И покрај тврдењата дека  можел да се постигне некаков “подобар договор”, ние не веруваме дека тоа е можно.  Овој договор бараше компромис и од двете страни.  Тоа е прилика што веројатно нема да се повтори со години, ако не и со децении“, вели Мичел во писмото.

Понатаму се нагласува разочарувањето на американската страна од ставот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и во однос на референдумот и за процедурата во Собранието за уставните измени.

„Нема да Ве изненади што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот. Уште од осамостојувањето на Македонија, граѓаните од сите заедници и партии, вклучувајќи ја и Вашата, силно го поддржуваат пристапувањето на земјата кон НАТО и кон ЕУ. Сега Собранието е на ред да го преземе следниот, одлучувачки чекор“, пишува Мичел.

Тој бара од Мицкоски и личен ангажман за да им се овозможи на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат според својата совест.

„Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда“, вели Мичел во писмото до Мицкоски.