Фото: Министерство за финансии

Договор за нови 100 милиони евра евтини кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) со кои ќе се поддржат најмалку 300 проекти на домашни мали и средни компании, денеска беше потпишан од министерот за финансии Фатмир Бесими, потпретседателката на ЕИБ Лилјана Павлова и директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир, соопштија од Министерството за финансии (МФ).

Кредитната линија е дел од поддршката на ЕУ и на ЕИБ за адресирање на ефектите на ковид-19 пандемијата врз економијата.

Развојната банка ќе ги пласира средствата до фирмите преку комерцијалните банки, а условите под кои ќе се даваат кредитите се исклучително поволни. Рокот на отплата е до 12 години со вклучен грејс-период од 2 години, зависно дали кредитите ќе бидат наменети за инвестиции или за зголемување на потребите за обртни средства. Каматната стапка е поволна и повластена и за првите транши би изнесувала до 1,6 отсто.

„Наша определба е да продолжиме со фискалниот стимул на стопанството, сѐ додека тоа не застане на здрави нозе. Претходните кредитни линии од ЕИБ, преку Развојната банка, покажаа навистина добри резулати. Денеска потпишавме важни договори со ЕИБ со кои се обезбедуваат 100 милиони евра поволни средства за мали и средни фирми во РСМ, една значајна ликвидна поддршка за заздравување од ефектите од  пандемијата. Овие средства значат нови вработувања, нови инвестиции, а со тоа и придвижување на економската активност и забрзување на економскиот раст“, рече Бесими.

Тој додаде дека оваа линија е дел од иницијативата Тим Европа и финансискиот пакет на ЕИБ за поддршка за заздравување на земјите од Западен Балкан од ковид-19.

Според амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, малите и средните претпријатија се сржта на секоја економија и тие обезбедуваат работни места, создаваат додадена вредност и предводат со иновативни решенија, особено за приоритетите на ЕУ, како зелената и дигиталната агенда.

„Затоа Тим Европа, односно ЕУ, како и поврзаните финансиски институции, преземаат чекори за поддршка на малите и средните претпријатија во РСМ, од почетокот на пандемијата. Тие можат да инвестираат и да креираат иновации и да ја одиграат својата улога во заздравувањето на економијата“, рече Гир.

Директорот на Развојната банка посочи дека соработката со ЕИБ е стратешка и успешна и во последните 13 години до денес, воспоставени се шест договори со кои 550 милиони евра се во полза на економскиот развој, а со нив се поддржани 2.090 проекти на домашни мали и средни компании и се креирани се 8.029 нови работни места.

„Ќе продолжиме да ги следиме потребите на реалниот сектор и ќе настојуваме да нудиме портфолио на производи и услуги кои ќе го засилат искористувањето на нивниот потенцијал. Во оваа насока, преку овие 100 милиони евра очекуваме да обезбедиме финансиска поддршка преку комерцијалните банки за најмалку 300 проекти на домашни мали и средни компании“, рече Наумов.

Од претходните 5 заеми од ЕИБ, преку Развојната банка, пласирани се 450 милиони евра, од кои 182 милиони евра кон компании од производствена дејност, 127 милиони евра со дејност трговија, а 40 милиони евра се кон компании од транспортната дејност.