Министерството за финасии ги повикува граѓаните од поплавените подрачја да посочат во која банка да им се исплати авансната паричната помош.

– Со цел да се изврши авансната исплата на паричната помош на лицата од подрачјата зафатени со поплавите кои се случија на 6 август, Министерството за финансии ги повикува лицата што биле евидентирани од страна на Комисијата за проценка на штети да дадат известување во која деловна банка сакаат да им се исплати паричниот надоместок – се вели во повикот на Министерството за финансии.

Исплатата на средствата ќе се изврши во готово, на шалтерите на онаа деловна банка за која лицето ќе се определи. Банките ќе ја вршат исплатата врз основа на документ за идентификација, лична карта и патна исправа.

Премиерот Емил Димитриев  денеска најави дека секое семејство од поплавените подрачја ќе добие по 30.000 денари. Сумата за авансно обесштетување на поплавените семејства ќе се зголеми од 1,5 на 2,5 милиони евра, а за целосно обесштетување ќе се издвојат две милијарди денари, кои според Димитриев ќе бидат обезбедни преку кредити.