„Метрудхем“ нема да смее да сече метал во Топилница додека не изработи Елаборат за заштита на животната средина

Згурата во велешка „Топилница“ | Фото: „Кепс Монт Груп“, ноември 2020 г.

Компанијата „Метрудхем“, сопственик на објектот на велешката Топилница, ќе треба да изработи елаборат за заштита на животната средина, пред да продолжи со сечење на железото од објектите. По инцидентот што се случи минатиот месец кога експлозија и пожар ги вознемирија жителите на градот, капацитетот го посетија државни и локални инспектори, а на сопственикот му беше забрането да продолжи со активностите.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, вели дека веднаш по настанот надлежниот инспектор ја задолжил компанијата да престане со работа и да го подготви бараниот документ.

„Целта на активностите е да се исечат металните делови и да се продадат како старо железо. Немаме сè уште информации кои се причините за хаваријата, заради што сега е многу важно да добиеме податоци каков отпад има на локацијата, дали има хемикалии или тие веќе се отстранети и кои се сите други потенцијални ризици пред да продолжат било какви активности таму“, посочува Петровска.

„Метрудхем“ има рок од три месеци да го подготви елаборатот и да го предаде во Министерството за животна средина, од каде треба да биде одобрен и да се донесе одлука кога и на кој начин ќе може да се доврши отстранувањето на објектите на некогашниот индустриски капацитет. Петровска вели дека ситуацијата со Топилница е уникатна и не е доволно дефинирана со законите, заради што не може да се каже дека инцидентот е целосно вина на сопственикот, бидејќи обврските на компанијата не се целосно јасни.

„Оваа инсталација нема А -интегрирана дозвола од причина што е затворена пред да настане оваа обврска. Исто така во текот на приватизацијата не е направена генерална еколошка ревизија. Постојат многу празнини кои во моментов не се регулирани со законите, заради кои во моментов не можеме да утврдиме дали ‘Метрудхем’ морал да изработи елаборат за животна средина или генерална еколошка ревизија. Тоа е индустриско жариште кое во момнтов не работи и нема никаков статус согласно со законот за животна средина. А законот кој ќе идентификува еколошки жаришта се уште не е донесен. Заради тоа во моментов не можеме да кажеме дека ‘Метрудхем’ е виновен и дека можеме да го казниме заради тоа што почнал да работи без да нè информира и без да направи елаборат“, посочува Петровска.

Сега, откако компанијата е задолжена со елаборат, состојбата е поинаква. Тие имаат обврска и да го известат Министерството дека треба да изработуваат ваков тип на документ, а Министерството може да побара да се изработи и Студија, во зависност од тоа дали има или нема опасни хемикалии или други ризици на самата локација.

Според еколошките граѓански организации од Велес, во зградите на Топилница сè уште лежи голема количина сулфурна киселина складирана во депо. Тие долги години предупредуваат дека опасност за здравјето на велешани не е само црниот рид со згура, туку и објектите. Тие се на „Метрудхем“, но земјиштето е во државна сопственост. Со измените на Генералниот план на местото на овој индустриски капацитет треба да се изгради зелен појас.