Метаверзум, заштита на лични податоци, хаос на Твитер – како се променија социјалните мрежи во 2022?

фото: camilo jimenez на Unsplash

Од вложувањата на Мета милијарди долари во остварување на Метаверзумот, преку големите промени на Твитер и обидите за забрана на ТикТок во САД, до отпуштањата на десетици илјади работници поради економските пост-пандемиски проблеми на технолошките гиганти – 2022 година ја одбележаа неколку големи настани во однос на развојот и иднината на социјалните мержи. Најголемо внимание, сепак, привлече промената на сопствеништвото на Твитер, со која преземањето на социјалната мрежа од страна на милијардерот Илон Маск предизвика општ хаос во компанијата.

Крајот на 2021 година донесе неколку големи промени кај главните социјални мрежи. Извршниот директор на тогашен Фејсбук, Марк Закерберг објави дека компанијата се преименува во Мета, сигналирајќи го фокусот на таканаречениот „Метаверзум“ – виртуелен свет за кој компанијата тврди дека е иднината на интернетот и во кој вложи десетици милијарди долари.

Неколку недели подоцна, во ноември 2021, Твитер доби нов извршен директор, откако ко-основачот Џек Дорси му ја предаде функцијата на дотогашниот шеф на технологија Параг Агравал. Твитер оттогаш лансираше нови функции и работеше на зголемување на корисниците и на приходите, отстапувајќи од својата долгогодишна репутација како бавна социјална мрежа кога се во прашање иновациите.

Но, неколку месеци подоцна, на почетокот од 2022 година расположението кај гигантите за социјални медими се промени. Среде глобалните економски превирања, високите каматни стапки, олабавувањето на ковид-мерките и руската инвазија на Украина која започна во февруари, пазарот на онлајн рекламирањето се сруши.

Фејсбук за првпат објави пад на бројот на корисници и продажбата. Изминатава година компанијата изгуби околу две-третини од својата пазарна вредност. Покрај Фејсбук, и други компании зависни од рекламите, меѓу кои и Твитер, Гугл и Снепчет исто така соопштија дека ја почувствувале „скржавоста“ на огласувачите.

Наскоро, технолошките компании кај кои дојде до преголемо вработување за време на пандемијата, најавија отпуштања и буџетски намалувања. Само Мета во ноември објави дека ќе отпушти 13 отсто од својата работна сила, што претставува повеќе од 11.000 вработени лица и е прво вакво масовно отпуштање во 18-годишното постоење на компанијата.

фото: Dima Solomin на Unsplash

Војната во Украина доведе и до забрана на дел од американските социјални мрежи во Русија. Русија најпрво ги забрани Фејсбук и Инстаграм во земјата, поради тоа што Мета претходно објави дека ќе им дозволи на корисниците во Украина да објавуваат пораки во кои повикуваат на насилство против рускиот претседател Владимир Путин и војниците што Москва ги испрати во Украина. Во октомври руските власти ја додадоа Мета, во чија сопственост се Фејсбук, Инстаграм и Ватсап, на списокот на терористички и екстремистички организации, а поради забранетиот пристап до овие и до други платформи, корисниците во Русија се отсечени од светот.

Построга регулација за технолошките компании

Технолошките гиганти како Мета, Гугл и Епл ќе мора построго да ги регулираат своите платформи за подобро да ги заштитат европските корисници од говор на омраза, дезинформации и други штетни онлајн содржини според новото законодавство што го подготвува Европската Унија (ЕУ).

Еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон рече дека со Законот за дигитални услуги се ближи крајот на времето „кога големите онлајн платформи се однесуваа како да се преголеми за да се грижат“.

Построга регулација во секој поглед се наметнува и во САД, каде, покрај останатото, се подготвува и закон кој треба да им даде поголема моќ на новинските организации да преговараат за надоместоците за содржините што се споделуваат на Фејсбук. Ваквата најава наиде на негодување кај сопственикот на Фејсбук, Мета, а извршниот директор Марк Закерберг се закани дека ќе ги отстрани вестите од Фејсбук во оваа држава.

Сличен закон во Австралија неодамна доведе до тоа вестите на Фејсбук во земјата да бидат забранети накратко, но по широките критики во јавноста, компанијата ја промени одлуката.

„Скромни“ казни за нарушување на приватноста на луѓето

Дел од своите огромни буџети, технолошките гиганти ќе ги потрошат и на казни кои ги добија годинава поради нарушувањето на приватноста на корисниците. Така, Мета во ноември доби казна од 265 милиони евра од страна на Комисијата за заштита на податоците во Ирска, поради протекување на личните податоци на стотици милиони корисници на Фејсбук. Еден месец подоцна, Мета се согласи да плати и 725 милиони долари како разврска на скандалот со Кембриџ Аналитика.

Во мај, поради продажба на податоците на своите корисници казна доби и Твитер, кој треба да плати 150 милиони долари во САД.

Сепак, колку и да изгледаат вртоглави сумите што треба да ги платат, тие претставуваат само мал дел од огромните буџети на технолошките гиганти.

Пресврт на Твитер

Кај Твитер, пак, работите беа уште понестабилни. Во април годинава, милијардерот Илон Маск, по период на критики упатувани кон платформата, ги започна обидите за влегување во компанијата за социјални мрежи. Најпрво, купувајќи 9,2 отсто од акциите, тој најави дека ќе стане дел од Одборот на директори на Твитер, за потоа да каже дека сепак нема да го направи овој чекор и покрај тоа што местото му било понудено. Ова секако не значеше дека милијардерот се откажува од вмешувањето на своите прсти во работата на социјалната мрежа. Напротив, само две недели подоцна, Илон Маск соопшти дека ќе го купи Твитер во зделка вредна 44 милијарди американски долари. Тогашните сопственици на Твитер јавно посочија дека обидите за преземање на компанијата од Маск се непријателски.

Преку објава на твит, омилениот начин за комуникација на Илон Маск со јавноста, тој рече дека сака да го направи Твитер подобар од кога било порано со зајакнување на функциите и внес на нови алатки, победувајќи ги спам ботовите и подобрувајќи ја автентичноста на сите корисници. Тој во неколку наврати акцент ставаше и на слободата на говорот, за која Твитер имал потреба.

Набргу по најавата за купување, Маск се обиде да се повлече од договорот под изговор дека бројот на лажни профили на платформата бил поголем од она што компанијата го пријавила. По неколку исцрпувачки месеци, јавни препукувања и покренување на судски случај од страна на Твитер, Илон Маск сепак го испочитува договорот, а купувањето на Твитер го најави со влегување во седиштето на компанијата со мијалник во рацете.

На 27 октомври годинава, тогаш најбогатиот човек на светот, покрај „Тесла“ и „СпејсЕкс“, во својата деловна империја го додаде и Твитер. Стапувањето на чело на компанијата, за социјалната мрежа, нејзините корисници и вработените значеше почеток на долг и мачен период на хаос кој трае сè уште.

Веднаш по преземањето, Маск започна со отпуштање на луѓе од најниските до највисоките раководни органи на компанијата. Од 7.500, бројот на вработени во Твитер за помалку од два месеца се преполови.

Покрај хаосот што го предизвика на организациско ниво, Маск не се покажа најдобро ниту при искуството што корисниците на Твитер го имаат на платформата. Една од главните промени што ги воведе тој беше месечната претплата од 8 долари со која новиот директор сакаше да ја подобри автентичноста на корисниците, така што секој ќе може да си плати за да го потврди својот идентитет и присуство. Спротивно на неговите планови, воведувањето на претплатата предизвика бура од имитации на социјалната мрежа, па секој еден корисник кој имаше 8 долари на банкарската картичка можеше да си плати и да се претстави како некој друг.

Иронично, токму Маск беше најимитираната личност, откако повеќе корисници ги променија своите имиња во Илон Маск што, очекувано, го налути милијардерот. Тој привремено ја паузираше верификацијата со син беџ, за повторно да ја лансира во декември.

фото: Brett Jordan на Unsplash

Маск започна и серија анкети во која ги прашуваше „твитерџиите“ за сенешто. Под превезот на вклучување на корисниците во носењето големи одлуки, Илон Маск го врати суспендираниот налог на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, чие присуство на социјалната мрежа беше забрането поради неговата улога во немирите во Капитол од 6 јануари 2021 година.

Токму преку анкета започна и крајот на краткото раководење на Илон Маск со Твитер. Откако ги праша корисниците дали треба да се повлече од шефовското место во компанијата, Маск се соочи со резултати според кои речиси 58 отсто од 17-те милиони корисници на Твитер што гласале на анкетата, сакаат Маск да си замине од Твитер. Милијардерот рече дека ќе ги испочитува резултатите и, барем според неговите зборови, веќе е во потрага по новиот извршен директор на Твитер.

Иако при стапувањето на чело на Твитер Маск најави дека ќе се залага за слободен говор на платформата, неговите чекори покажаа селекција и дека, сепак, само одредени личности ќе имаат право на „слободен говор“. Кон средината на декември, Твитер ги суспендираше налозите на новинарите што известуваа за оваа платформа за социјални медиуми и нејзиниот сопственик Илон Маск. Меѓу суспендираните беа новинари на Њујорк Тајмс, Вашингон Пост, Си-ен-ен и Гласот на Америка. По бурните реакции од меѓународни организации, Обединетите нации и Европската Унија, Маск им ги врати налозите на суспендираните новинари, но не и на корисникот што ги следеше и објавуваше летовите на неговиот приватен авион кој користеше јавно достапни податоци.

Маск ја прекина и политиката против дезинформации за ковид-19 и вакцините, а можноста за платена верификација доведе до наплив на дезинформации од „верификувани“ анти-ваксерски профили на Твитер.

МСНБЦ објави коментар во кој вели дека Илон Маск, како извршен директор на Твитер го користел овој сервис како политичко оружје, оти зад невидениот хаос имало знаци на намера.

На дејствијата на Маск околу Твитер во неколку наврати реагираа и европските челници, кои на почетокот му порачаа дека нема да може да се однесува како што сака, затоа што технолошките компании подлежат на регулации.

„Птицата е ослободена“, напиша Маск по преземањето на Твитер, на што eврокомесарот Тиери Бретон подоцна му одговори дека „во Европа, птицата ќе лета според правилата на ЕУ“.

Дополнително, поради каприциозните одлуки на Маск, големите брендови се откажаа од огласувањето таму, при што повеќе од половина од стоте најдобри огласувачи на Твитер го стопираа трошењето на оваа платформа.

Кратките видеа како начин да се привлечат корисници

Отежнатото економско менаџирање не претставува единствена причина поради која гигантите за социјални мрежи ја менуваат основата врз која ги изградија своите бизниси. Социјалните медиуми влегуваат во нова ера на фрагментација.

Растечката популарност на ТикТок доведе до тоа секоја од најпопуларните платформи да има своја верзија на кратки видеа по примерот на ТикТок, а социјалните мрежи се во трка и околу начинот на монетизација на содржините на креаторите. Покрај Јутјуб, претплати тестираше и ТикТок, а Инстаграм веќе и ги воведе.

ТикТок БајтДенс
Илустрација: Alexander Shatov на Unsplash

Додека претходната генерација на социјални мрежи, како „Мај Спејс“, „Фејсбук“ и „Снепчет“ беа изградени околу идејата за поврзување со пријателите и луѓето низ целиот свет, појавата на ТикТок и зависноста што ја создава оваа апликација кај корисниците, создаде нова цел за социјалните медиуми – понуда на најпривлечни видеа – од кого било, од каде било и од кога било.

ТикТок, поради врските со Кина, сега е под лупа за националната безбедност во САД. Апликацијата е забранета на уредите во државна американска сопственост.

Хаосот и натрупаните содржини на повеќето платформи ги натера луѓето ширум светот да бараат алтернативни начини за да бидат во тек со пријателите, па многумина се вртат кон услугите за пораки на Вотсап, Вибер, Сигнал и Дискорд, но и кон други приватни апликации, меѓу кои особено популарна стана и БиРиал (BeReal) каде корисниците објавуваат по една неуредена фотографија дневно, која не може да се лајкне ниту пак да се сподели.

Разочарувањето од традиционалните социјални мрежи инспирираше нова група на апликации од и за конзервативците, кои чувствуваа дека нивните ставови се потиснати од Силиконската долина. Покрај Парлер, која минатата година ја купи музичарот Је и „Truth Social“ на Доналд Трамп, гласноговорник на конзервативците полека станува и Твитер, каде Маск им се додворува на десничарските корисници, а со тоа ги отуѓува огласувачите, вработените и регулаторите.

Промените во однесувањето на гигантите за социјални мрежи сугерираат дека следната ера на социјални медиуми нема да биде дефинирана од една огромна компанија, туку врските и содржините ќе бидат расфрлани низ многу апликации.