„Метаморфозис“ предлага продолжување и продлабочување на консултациите за Концепцијата за далечинско образование

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, одговорајќи на јавната покана од Министерството за образование и наука (МОН) за Јавна консултација за нацрт верзијата на Концепцијата за далечинско образование, објави стручно мислење врз основа на своите досегашни искуства и специјалистичка експертиза во областа на ИКТ и образованието.

Најнапред, „Метаморфозис“ смета дека дадениот рок до 10 јули е прекраток и предлага тој рок да се продолжи и државните институции да понудат повеќе форми на консултации, меѓу другото и со користење средства за дигитална комуникација како онлајн средби и искористување на можностите на системот ЕНЕР како електронски форум, земајќи предвид дека заради ситуацијата со ковид-19 нема услови за физички средби и тркалезни маси.

„Метаморфозис“ исто така предлага преиспитување на дадените временски рамки, имајќи го предвид претстојниот почеток на новата школска година и важноста на далечинското образование. Затоа предлага развојот на концепцијата да опфати два пристапи: план за кризен менаџмент како одговор на кризата со ковид-19 и подготовка на сеопфатен долгорочен план.

Укажувајќи на комплексноста на темата далечинско учење и е-учење, „Метаморфозис“ во своето обраќање посочува на важноста на примената на заложбите и добрите пракси од најнапредните земји на Европската Унија преку унапредување на отворените образовни ресурси (ООР), примената на системот Криејтив комонс за решавање на предизвиците од областа на авторските права, како и истакнување на потребата човековите права како безбедноста и приватноста на децата, родителите и наставниците да бидат приоритетни при креирањето на оваа јавна политика, која едновремено е и дел од процесот на зголемување на граѓанското учество во спроведувањето на Дигиталната агенда на ЕУ во нашата земја.

Продолжувањето на рокот ќе даде можност при одлучувањето да се земат предвид резултатите од истражувањето за ООР, кое Метаморфозис го спроведува последните неколку месеци.

Искуствата на Метаморфозис од сите проекти поврзани со сферата на ИКТ укажуваат дека е исклучително важно за сите вклучени во образовните реформи, од носителите на одлуки, раководниот кадар, до наставниците кои ќе треба да ги спроведат во пракса, како и родителите и младинските работници кои имаат улога во воннаставните активности, да ги зајакнат капацитетите од областа на дигитално граѓанство и медиумска писменост.

Врз основа на Истражувањето за критичкото мислење и медиумската писменост кај младите (2019) направено во рамки на проектот КриТинк,  Метаморфозис и Евротинк укажаа дека проблемот со медиумската писменост треба да стане државен приоритет и дека подигнување на степенот на медиумската писменост треба да биде третиран како стратешка цел. Во новите услови на здравствена криза уште попотребна е сеопфатна реформа на образовните програми, за овие вредности да бидат интегрирани и во развојот на сите форми на образование, при што особено е критично образованието на далечина и е-образованието.

Целиот текст на укажувањето на тимот на „Метаморфозис“ е достапен на веб-сајтот на организацијата.