Фондацијата „Метаморфозис“ одбележувајќи го Меѓународниот ден на слобода на медиумите, 3 мај, порачува дека кризата со пандемијата на Ковид-19 која ја одбележа годинава досега, дополнително ја нагласува неопходноста од обезбедување кредибилно известување и информации, како и потребата од беспоштедна борба со дезинформациите.

Меѓународниот ден на слобода на медиумите годинава се одржува 27. пат.

Потсетувајќи на повикот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, по повод Меѓународниот ден на слобода на медиумите, во кој се нагласува дека „новинарите обезбедуваат противотров за пандемијата од дезинформации што ја следи кризата предизвикана од ширењето на корона-вирусот“, „Метаморфозис“ потсетува дека и Северна Македонија воопшто не е имуна на ваквите случувања.

„Напротив, напливот на дезинформации поврзани со Ковид-19 е исклучително висок во македонските медиуми, но и на социјалните мрежи. До толку што може да води кон ширење на заразата и да предизвика непотребни жртви кај оние граѓани што им веруваат и ги следат неоснованите и ненаучните совети од страна на разно-разни квази доктори кои се шират преку непрофесионални медиуми и илјадници профили на социјалните мрежи“, стои во соопштението.

Фондацијата „Метаморфозис“ нагласува дека одамна ги воочи негативните последици кои што може да произлезат од напливот на дезинформациите и потребата од точна, проверена и кредибилна информација, па во изминатата деценија развива богата медиумска програма, што во последните неколку години прерасна во посебен дел од работата на фондацијата означен како Медиуми за демократија.

„Целта е да се обезбеди токму информирање на јавноста базирано врз факти. Тоа ја вклучува работата на планот на едукација за медиумска писменост и развој на критичкото мислење преку Критинк, потоа проверката на фактите во медиумите преку proverkanafakti.mk, отчетноста и транспарентноста преку vistinomer.mk, како и точното и проверено известување, анализите на податоци и визуелизациите преку meta.mk и portalb.mk“, се вели во соопштението од „Метаморфозис“.

Фондацијата исто така посочува на истражувањето за реформите во медиумскиот сектор што неодамна го спроведе, при што се лоцирани проблеми во медиумските реформи во четири главни области:

  • Нема стратегија за медиумскиот сектор и нема искажани намери за подготовка на таквата стратегија;
  • Нема доволно политичката волја кај сите релевантни политички чинители и во власта и во опозицијата да се дистанцираат во целост од влијанието врз уредувачката политика на медиумите;
  • Реформите во јавниот радиодифузен сектор, пред сè во Јавниот сервис МРТ/НРТ и во регулаторната агенција ААВМУ не се спроведуваат иако законските предуслови беа остварени уште пред повеќе од една година;
  • Барање од самите медиуми, големи приватни радиодифузери, но и весници и портали, неселективно да добиваат финансии или други субвенции директно од буџетот, од локална самоуправа или од јавни претпријатија или акционерски друштва во државна или мешовита сопственост.

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ смета дека директното доделување на јавни средства ги става медиумите во позиција која води кон подривање на уредувачката независност и медиумската слобода, кон нарушување на интегритетот и зголемено политичко влијание.

Фондацијата „Метаморфозис“ им се заблагодарува на сите колеги новинари, пријатели, партнери и донатори за нивната поддршка во заштитата на медиумските слободи и во обезбедувањето на отворен, безбеден и еднаков пристап до информации на кои може да им се верува и он-лајн и оф-лајн во овие критични времиња.