Метаморфозис ја промовираше иницијативата „Отворен град“ за потранспарентни градови

Во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, Фондацијата Метаморфозис организираше онлајн настан за промоција на Иницијативата „Отворен град” која има за цел да ги трансформира градовите во потранспарентни, отворени и достапни организации, кои се во постојан контакт со граѓаните и кои одговараат на нивните потреби.

„’Отворен град’ е модел за унапредување на работењето на градовите преку креирање на нова, подемократска локална инфраструктура на отвореност и партнерство со сите кои имаат удел во работењето и создавањето на подобра иднина во градовите: индивидуалните жители, организациите во заедницата, градската администрација, креаторите на политики и меѓународните партнери“, велат од Метаморфозис.

Во наредниот период Фондацијата Метаморфозис ќе одржи повеќе онлајн настани и ќе се фокусира на различни аспекти поврзани со концептот како што се: алатки и најдобри практики за „Отворен град“, отворени податоци, отворена влада на локално ниво и учество на граѓаните во одлучувањето и креирањето на политики на локално ниво. Настаните кои следат ќе се одржат на:

  • 21-ви септември 2020 година, 12:00 часот, настан на тема: Учество на граѓаните во одлучувањето и креирањето на политики на локално ниво, говорник: Кристина Јованова, Мисија на ОБСЕ во Скопје
  • 25-ти септември 2020 година, 12:00 часот, настан: Работилница за отворени податоци и вклучување на засегнатите страни, говорник: Nathan Coyle, New Union– Велика Британија
  • 29-ти септември 2020 година, 12:00 часот, настан на тема: Отворена влада на локално ниво, говорници: Гордана Димитровска Гапиќ, Министерство за информатичко општество и администрација и Bernhard Krabina, Центар за истражување во јавната администрација (КДЗ) Австрија

Во текот на септември и октомври, исто така, ќе бидат организирани онлајн обуки на тема Отворен град, наменети за претставници на локални граѓански организации и претставници на општините.