Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование и наука, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Фондацијата „Метаморфозис“, организираа „Еднодневна обука за сајбер безбедност за ученици, наставен кадар и родители“.

Целта на обуката е да се подигне свеста за ризиците во сајбер-просторот, како и одговорностите на родителите, образовните институции и органите на државната управа при справување со сајбер-инциденти кај учениците од основно образование.

„Министерството за информатичко општество и администрација, ја стави сајбер-безбедноста во фокусот на својата работа со подготовката на Стратегијата и Акцискиот план за сајбер-безбедност. Тоа што е најважно за соочување на проблемот со сајбер-криминалот и ризиците со кои сите ние се соочуваме на интернет е да сфатиме дека станува збор за глобален проблем, кој не познава граници. На локално ниво од друга страна, мора да сме свесни дека единствено можеме да се соочиме со овој проблем доколку се обединиме сите заедно. Тука мислам на владините и образовните институции, бизнис-заедницата, невладиниот сектор, родителите, наставниците и на децата кои од мали нозе мора да научат како да го користат интернетот“, рече Манчевски.

Тој додаде дека нашата земја е во чекор со европските трендови, односно, речиси 75 проценти од популацијата на возраст меѓу 15-19 години, има профил на социјалните мрежи.

Министерот за образование Арбер Адеми рече дека веќе неколку години наназад постои конзистентност на политиките за заштита и безбедност на учениците и генерално на младите при користењето на интернетот.

– Воведени се промени во образовниот систем кои продолжуваат да се надградуваат, а воведуваме и нови содржини, односно спроведуваме нови активности согласно Националната стратегија и акциски план за сајбер безбедност за периодот 2018-2022“, истакна Адеми.

Извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, рече дека заедничкиот инклузивен пристап кон темата сајбер-безбедност е најсоодветен за справување со сите можни ризици при користењето на интернетот.

– Децата и младите денес живеат во свет кој е трансформиран од дигиталните технологии. Затоа им е потребна едукација која ќе им обезбеди збир на знаења и вештини кои ќе им овозможат компетентно и безбедно да се справуваат со комплексноста на современиот дигитален свет ололу нив. „Метаморфозис“ од основањето ја има препознаено оваа потреба и одтогаш придонесува со обуки, кампањи за подигање на јавната свест, мултимедијални образовни содржини и други образовни ресурси за деца, млади, родители и наставници кои се фокусираат на дигиталната безбедност. Поради комплексноста но и динамиката на развој на дигиталните технологии, потребно е со здружени напори ресурси и експертиза, надлежните државни институции, невладините организации но и бизнис заедницата да се вклучат во градењето на капацитети на сите граѓани а посебно на младите за да се вклучат позитивно, критички и компетентно во дигиталното опкружување, ефективно да комуницираат и да практикуваат форми на социјално учество кои ги почитуваат човековите права и достоинството преку одговорно користење на технологијата. Токму затоа денешната еднодневна обука е многу важна, бидејќи претстатува заедничка иницијатива на владиниот (МИОА и МОН), невладиниот сектор („Метаморфозис“) и меѓународната заедница (ОБСЕ). Се надевам дека ќе продолжиме со оваа соработка и дека со слични обуки ќе опфатиме поголем број на школи – рече Јашари.

На еднодневната обука учествуваат претставници од министерствата за информатичко општество и администрација и образование и наука, претставници од други релевантни институции и организации, наставен и административен кадар од ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ и ОУ „Хасан Приштина“, ученици и родители.

Во 2018 година, Владата ја усвои Националната Стратегија и Акцискиот план за сајбер безбедност 2018-2022, според кој е предвидена реализација на активности кои се однесуваат на зголемување на свеста  и  основните познавања од областа на сајбер безбедноста на сите нивоа на образование.