„Мета“ се закани дека ќе ги отстрани вестите на Фејсбук во САД доколку помине новиот закон

фото: Dima Solomin на Unsplash

Компанијата „Мета“ на Марк Закерберг се закани дека ќе ги отстрани вестите од Фејсбук во САД, противејќи се на новиот закон кој треба да им даде поголема моќ на новинските организации да преговараат за надоместоците за содржината што се споделува на оваа социјална мрежа, јавува Би-Би-Си.

Сличен закон во Австралија неодамна доведе до тоа вестите на Фејсбук во оваа земја да бидат забранети накратко. По широките критики во јавноста, компанијата ја промени одлуката.

„Мета“ тврди дека нивната платформа, всушност, им обезбедува зголемен сообраќај на новинските организации кои се соочуваат со низа проблеми. Од компанијата велат оти издавачите ги ставаат своите содржини на Фејсбук бидејќи тоа им користи.

Законот за новинарска конкуренција и заштита беше претставен во Конгресот на САД од страна на сенаторката Ејми Клобучар од Минесота и има двопартиска поддршка. Доколку се усвои, законот ќе им даде на издавачите и радиодифузерите поголеми овластувања за колективно преговарање со компаниите за социјални мрежи за поголем дел од приходите од реклами.

Медиумските компании тврдат дека „Мета“ генерира огромни суми на пари од написите кои вклучуваат вести. Тие велат дека локалните медиумски организации биле особено погодени за време на пандемијата, додека „Мета“ остварила огромен профит.

„Мета“, од друга страна, тврди дека деловната добивка од вестите е минимална, бидејќи вестите сочинуваат помалку од 4 отсто од содржините што луѓето ги гледаат на нивните почетни страници на Фејсбук.

„Ако Конгресот усвои непромислен нацрт-закон за новинарство како дел од законодавството за национална безбедност, ќе бидеме принудени да размислиме за целосно отстранување на вестите од нашата платформа“, ијзавил портпаролот на „Мета“, Енди Стоун.

Овој закон во САД е дел од повеќе нови закони кои се насочени кон справување со доминацијата на големите технолошки компании.