fbpx

„Мета“ на пограничниот појас: Во Танушевци не се чувствува Гошинце…

-

Засилени со дополнителен број колеги, но во мирна и по ниеден нишан наелектризирана атмосфера, минува дневната рутина на полициската екипа на караулата кај Танушевци, во делот од северната граница кон Косово, еден ден по инцидентот на караулата во Гошинце, кој Министерството за внатрешни работи (МВР) го оквалификува како терористички напад на државните институции.

Караулата, оддалечена околу седум километри од селото, кое го означи почетокот на конфликтот во 2001 година, ја посетивме во обид да стигнеме до Гошинце.

Иако очекувавме дека на местото ќе ги затекнеме специјалните полициски сили и по некое оклопно возило – ништо од тоа. Екипата на караулата Танушевци беше составена од гранични полицајци и од службеници со ознаки на редовната полиција. Прв нè пречека еден од полицајците, кого го прашавме за насоки.

– Не знам како да стигнете до Гошинце. Ја сум од вчера тука, дојдов од Тетово и не знам да ве упатам – беше одговорот на полицаецот во панцир и со автоматската пушка во рацете, кој со уште неколку колеги го затекнавме во кругот на караулата.

Раководителите на пограничниот пункт, веднаш нè предупредија дека со нашиот „ситроен“ никако нема да стигнеме до Гошинце поради лошиот пат и снегот. Ни рекоа дека ситуацијата е мирна и дека „нема ништо“.

– Вчера специјалците со хермелин заглавија, а не, пак, вие со обичен автомобил – ни рекоа полицајците.

Велат и дека не било паметно, од безбедносни причини, што сме тргнале по овој пат кон караулата која вчера беше нападната.

– Пограничен појас е, сè може да се случи. Кој знае на што може да наидете – рече еден од нашите соговорници.

Не сакаа да зборуваат за настанот во Гошинце. Нè прашаа што се коментира во новинарските кругови и во јавноста за нападот и со насмевка реагираа кога им пренесовме дека дел од ставовите на безбедносните експерти и на луѓето се дека целата систуација е малку невообичаена и наликува на местенка.

– Па, да, малку е чудно – низ насмевка прокоментираа, но ништо повеќе.

За состојбата кај нив, не зборуваа многу, освен дека е мирно и дека по случувањето во Гошинце, добиле засилување, односно нивни колеги од други места биле распоредени кај нив.

За соработката со косовските гранични органи, заедничките патроли, размената на информации, велат дека тоа се одвива на повисоко ниво.

– Одвреме-навреме имаме заеднички патроли, но таа соработка се одвива на повисоки нивоа – велат нашите соговорници.

Од она што можевме да го видиме, без премногу да ги распрашуваме, неодминлив беше впечатокот дека опремата со која располагаат е застарена.

Како и на доаѓање, така и на одење, не сретнавме ниту човек, ниту возило, цивилно или полициско, по кривулестиот планиски пат во близина на македонско-косовската граница.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...