Марија Мицевска има 77 години. Вели дека е особено внимателна, што беше и забележително, затоа што иако се движеше сама по улицата во Македонска Каменица, на носот и устата ја имаше ставено заштитната маска. Кога побаравме да ја фотографираме, ја симна за да ѝ се види лицето.
„Послушни сме, внимаваме колку можеме. Младите се послободни, но секој треба прво да си мисли на себе, а после и за останатите. Како што можам да видам, маски се носат, особено кога ќе влеземе во затворена просторија. Јас искрено стравувам со оглед на годините, зашто овие години се ризични за нас. Живеам сама дома, но имам деца и внуци кои живеат во свои домови. Кога доаѓаат на гости кај мене внимаваат“, вели таа.
По разделбата со нас, седна со комшивките пред зграда, но прописно држеа дистанца еден од друг.
Атмосферата во Македонска Каменица беше тивка и мирна, исто како и времето во четвртокот кога го посетивме градот. Додека шетавме низ улиците можевме да ја почувствуваме позитивната енергија која кај повеќето граѓани откриваше и доза на гордост кога ќе им речевме дека нивниот град го носи епитетот „единствен без корона случај во државата“.
„Која е тајната што ова е единствениот град без корона вирус?“ – им пристапивме на двајца граѓани кои седат на клупа покрај една од улиците.
„Не вели така, ќе нè урочиш“, се смее едниот од нив.
Елица исто така седеше на клупа, сама, но маската ѝ беше на лицето. Испрати порака дека доколку секој внимава на своето здравје, тоа ќе создаде колективен имунитет и нема потреба од страв.
„Имам 65 години. Гледаш, носам маска, се заштитувам. Правев крвна слика, пијам витамини, Б комплекс и шумливи таблети, внесувам калории, јадам три пати дневно и досега немам проблеми. Кога се појави вирусот цело време бев дома, излегував само кога требаше да набавам нешто за дома. Досега сум супер. Верувам сите што го прават истото се добри“, вели таа.
Парковите и игралиштата беа речиси празни. Забележавме само група на деца кои играат фудбал на тревата. Очигледно беше дека младите во Македонска Каменица повеќе се дружат дома или во локалите.
Кафулињата и кафеаните во градот беа полупразни. Дезинфекциски средства немаше секаде, но онаму каде што пиевме кафе, прописно беа поставени на сите маси каде што имаше луѓе.
И додека бевме помеѓу граѓаните, разговаравме со нив и слушавме разни објаснувања и толкувања за причините за феноменот „Град без вирус“, почнаа да пристигнуваат гласови за првиот случај позитивен на ковид-19 во Македонска Каменица.
„Сите овде се знаеме, мало место е. Ако има заболен секако ќе се расчуе“, беше коментарот на жена која со своите деца седеше пред една од зградите и која излезе дека е во право.
Но, повеќето граѓани не беа изненадени и велеа дека било прашање на време кога овде ќе се појави првиот случај.
„Од тука поминаа и се вратија луѓе од Италија и од другите држави, а тестови не се прават. А и слабо се носат маски“, ни рече една повозрасна госпоѓа која го чекаше синот да ѝ ја донесе маската за да влезе во банка.
Неофицијално, заразениот е странски државјанин вработен во рудникот „Саса“. Од Министерството за здравство за „Мета.мк“ потврдија дека е регистриран првиот заболен во Македонска Каменица, иако во официјалните статистики овој град остана со нула заболени.
Потврда дека градот го забележал првиот случај добивме и од градоначалничката Соња Стаменкова. Со мерки на претпазливост ја посетивме и општинската зграда. Стаменкова рече дека општината ќе ги засили мерките за дезинфекција.
„Со попуштањето на мерките попушти и дисциплината на граѓаните. Ќе имаме и засилена контрола од Државниот пазарен инспекторат за почитувањето на мерките. Закажавме состанок со сите угостители за да лично и до нив апелираме да бидат особено внимателни. Ќе апелираме на совеста на граѓаните, а и полицијата ќе има засилени контроли. Синоќа ги дезинфициравме сите игралишта“, вели таа.
Но, сепак, овој рударски град се покажа како најуспешен во заштитата од ковид-19 во целата држава. Навремената превенција била клучна што повеќе од четири месеци градот бил без корона случај.
„Ако се почитуваат мерките кои ги пропиша Владата и нашиот Кризен штаб, успехот е неминовен. Уште од почетокот кога започна пандемијата и се прогласи вонредна состојба, активно се вклучивме во почитување на препораките. Секој кризен штаб си ги познава спецификите на градот и врз основа на истите донесува одлуки. Бевме пример за град каде се почитуваа мерките. На социјалните мрежи можевте да видите фотографии од нашиот град споредени со другите градови, каде што граѓаните стојат пред банки, пошти и јавни институции и можеше да се види дека ги почитуваат мерките. Тоа ни даде дополнителен поттик, заради тоа што граѓаните имаат култура да ги почитуваат мерките, уште позасилено да продолжиме со превенција. Ги дезинфициравме јавните површини, преминавме на дезинфекција на влезовите во колективните станбени згради. На влезот на градот инсталиравме системи за дезинфекција на возилата кои влегуваат и излегуваат од градот. Иако имаме притисок од младите да го отвориме градскиот базен, немаме доволно капацитет за да ги спроведеме мерките. Засега нема да бидат отворени ниту базенот ниту теретаната. Мора да ги почитуваме мерките, кога ќе бидеме во можност и ќе имаме капацитет ќе го направиме тоа“.
Таа апелираше граѓаните да бидат совесни и да ги почитуваат мерките и препораките.
„Јас ќе апелирам до граѓаните да бидат внимателни, да го задржиме приматот на најубав, најчист и најздрав град во моментов. Триесет години работев во здравството и знам дека здравјето нема цена. Да бидеме совесни заради себе, заради своите блиски, да си го зачуваме сопственото и здравјето на нашите најблиски. Само здрава нација е напредна нација“, вели Стаменкова.
Градот го напуштивме попладне. Не испратија љубопитните погледи на граѓаните кои приметија дека постојано фотографираме.