„Мета.мк“ денеска ја стартува емисијата за млади „Шорткат“, секој четврток во 19 часот нова епизода

Новинската агенција „Мета.мк“ од денеска започнува со објава на редовна информативна емисија за млади наречена „Шорткат“. Епизодите долги по 10-тина минути ќе се емитуваат секој четврток во 19 часот, додека емисијата на албански јазик што ја подготвува порталот „Порталб.мк“ ќе биде достапна за младите секој четврток во 20 часот.

Новата емисија е предвидено да се емитува редовно на Фејсбук страницата на новинската агенција Мета, Инстаграм профилот на рубриката за млади Ctrl-Z, како и на нашиот Јутјуб канал. Младите во земјава секој четврток ќе можат да дознаат повеќе за најважните информации од нивен интерес што се случиле во тековната недела, како на македонски така и на албански јазик. Централно внимание секоја епизода е посветено на теми од исклучителна важност, кои во форма на видео прилози точно и прецизно ќе информираат за екологијата, климатските промени, образованието, здравството, технологијата, но и за наука, спорт и гејминг.

Во првата епизода на емисијата „Шорткат“, централната тема што ја обработуваме е рекордното зголемување на просечната температура на воздухот и на кој начин младите може да се изборат за да се намали влијанието на климатските промени во иднина.

Инаку, емисијата „Шорткат“ се подготвува во рамки на проектот „Веродостојни вести за оспособена младина“, финансиран преку UK Aid од Владата на Обединетото кралство, со поддршка од Британската амбасада во Скопје.