Мета ќе плати 725 милиони долари како разврска на скандалот со Кембриџ Аналитика

фото: Dima Solomin на Unsplash

Сопственикот на Фејсбук, Мета се согласи да плати 725 милиони американски долари за разрешување на правниот случај со прекршувањето на правилата за заштита на личните податоци поврзано со политичкото консултантско друштво Кембриџ Аналитика од Велика Британија.

Како што пишува Би-би-си, во долготрајниот спор гигантот за социјални мрежи Мета е обвинета дека дозволила трети страни, меѓу кои и Кембриџ Аналитика, да пристапат до личните податоци на корисниците.

Предложените 725 милиони долари се највисока сума договорена досега, која е поврзана со заштитата на личните податоци во САД.

Мета, која не призна дека сторила неправилности, рече дека го обновила пристапот до приватноста во последните три години. Компанијата преку соопштение рече дека договорот е во најдобар интерес на заедницата и акционерите.

„Очекуваме да продолжиме да градиме услуги кои луѓето ги сакаат и на кои им веруваат со приватноста во првите редови“, стои во соопштението на Мета.

Експерти за технологија за Би-би-си коментираат дека не е изненадување што технолошкиот гигант се согласил да плати висока сума, но и дека износот не претставува многу за компанија како Мета.

„Тоа е помалку од една десетина од парите што компанијата ги потроши на создавање на метаверзумот само минатата година“, вели авторот Џејмс Бал за Би-би-си.

Жалбата против Мета е поднесена од повеќе од 250 милиони корисници, чии лични податоци на социјалната мрежа биле споделени со трети страни без дозвола на корисниците. Во моментов не е познато како оштетените корисници ќе го стекнат својот дел од средствата што ќе ги плати Мета.

Собирањето на личните податоци на корисниците на Фејсбук од трети страни беше во центарот на скандалот со Кембриџ Аналитика откриен во 2018 година. Консултантската фирма, сега веќе непостоечка, работеше за претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година и користеше лични информации од милиони американски сметки на Фејсбук за цели кои вклучуваа профилирање и таргетирање на гласачи. Кембриџ Аналитика ги добила информациите без согласност на корисниците преку истражувач на кој Фејсбук му дозволил да развие апликација на платформата која собира податоци од милиони нејзини корисници.

Скандалот повлече повеќе владини истраги во САД околу практиките за приватност на Фејсбук, што доведе до неколку тужби и сослушувања во американскиот Конгрес каде што испрашуван беше и сопственикот на Мета, Марк Закерберг.