Претседателот на Албанија, Илир Мета, на средбата со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, истакнал дека го радува фактот што првпат претставник од албанската заедница во Република Македонија е претседател на Собранието и дека извршувањето на оваа висока и важна функција ќе биде само поттик за зајакнување на меѓуетничките односи и за соживотот во Република Македонија, соопштија од Собранието.
Албанскиот претседател, исто така, нагласил дека е потребно во следниот период двете страни тесно да соработуваат во областа на евроинтеграциите и дека постои голема потреба за деблокирање на процесот за евроатлантска интеграција на Македонија.
Собранискиот спикер Џафери истакнал дека како претседател на Собранието ќе придонесува за зајакнување и за интензивирање на односите меѓу двете пријателски земји на сите полиња, а особено во рамките на парламентарната соработка. Џафери, исто така, се заблагодарил за континуираната поддршка од страна на Албанија во врска со посакуваното зачленување на Македонија во НАТО.