„Мета“ гради нова социјална мрежа како ривал на Твитер

Според „Платформер“, проектот под кодно име „П92“ е во рана фаза, а го води шефот на Инстаграм, Адам Мосери

фото: Dima Solomin на Unsplash

Матичната компанија на Инстаграм и Фејсбук, „Мета“ во моментов работи на изградба на нова самостојна платформа за споделување на текст, потврдиле од технолошкиот гигант за Си-ен-ен.

Доколку лансира таква платформа, новата социјална мрежа ќе биде главен ривал на Твитер, која „пропаѓа“ под раководството на Илон Маск.

Апликацијата која ќе биде слична на Твитер ќе ѝ овозможи на „Мета“ да го искористи моменталниот хаос во компанијата предводена од Маск, каде што намалувањето на трошоците се врши неконтролирано. Твитер се мачи да ја задржи и својата рекламна база, откако големите огласувачи престанаа со рекламирање.

„Веруваме дека постои можност за посебен простор каде креаторите и јавните личности можат да споделуваат навремени ажурирања за нивните интереси“, рекол портпаролот на „Мета“, опишувајќи ја мисијата на Твитер без да ја именува платформата.

Според плановите, новата социјална мрежа ќе биде децентрализирана, што значи дека корисниците би можеле да креираат различни сервери или заедници, секој со свои правила. Концептот е сличен на Редит или Дискорд, но претставува отстапување од тоа како функционираат другите платформи на „Мета“, бидејќи не станува збор за централизирана платформа контролирана од компанијата.

Според најавата, платформата ќе им овозможи на трети страни да градат апликации и функции во неа, потенцијално давајќи им на корисниците искуства надвор од она што самата „Мета“ би можела да го изгради.

Според „Платформер“, проектот под кодно име „П92“ е во рана фаза, а го води шефот на Инстаграм, Адам Мосери.

Бројни новоотворени платформи во последниве месеци се обидоа да „профитираат“ на грбот на Твитер, откако социјалната мрежа се бори со зачестени прекини, враќање на контроверзните корисници и пад на бројот на огласувачи.

Една од нив, Мастодон, ја зголеми својата корисничка база од 300.000 на 2,5 милиони корисници во неделите откако Маск ја презеде Твитер кон крајот на октомври минатата година. Меѓутоа, растот на платформата е забавен во последните месеци.

Новата услуга на „Мета“, од друга страна, може да има корист од огромната корисничка база на останатите платформи, како што е Фејсбук кој брои две милијарди корисници.