„Мета“ го продаде Гифи – пробарувачот на анимирани гифови

Гифи е главен снабдувач на анимирани гифови на социјалните мрежи како што се Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок и Твитер

Giphy, Public domain, via Wikimedia Commons

Гигантот „Мета“ го продаде пребарувачот за анимирани гифови наречен Giphy (Гифи) на американскиот снабдувач на фотографии, снимки и музика „Shutterstock“ (Шатерсток).

Би-би-си пишува оти минатата година британското тело за заштита на конкуренцијата повторно издаде наредба до „Мета“ да го продаде пребарувачот, откако вакво нешто првпат наложи во ноември 2021 година.

Гифи е главен снабдувач на анимирани гифови на социјалните мрежи како што се Фејсбук, Снепчет, ТикТок и Твитер. Библиотеката на Гифи е поттикната од индивидуални уметници кои придонесуваат со оригинална содржина, но и од компании како „Дизни“ и „Нетфликс“ кои обезбедуваат актуелни содржини што можат да се вметнат во секојдневните разговори на социјалните медиуми.

Платформите на „Мета“ – Фејсбук, Инстаграм и Вотсап и понатаму ќе можат да пристапат до содржините на пребарувачот, како дел од договорот, но не и другите социјални мрежи.

Сопственикот на најголемата колекција на гифови тврди дека секојдневно добива повеќе од 1,3 милијарди пребарувања.

„Гифовите испаднаа од мода како форма на содржина, при што помладите корисници особено ги опишуваат гифовите како содржини ‘за бумери’ и како ‘чудни’“, вели гигантот „Мета“.

Од „Шатерсток“, пак, велат дека се возбудени што се стекнуваат со Гифи.

„Гифи им овозможува на секојдневните корисници да се изразат на незаборавни начини со содржини на гифови и налепници, а исто така им овозможува на брендовите да бидат дел од овие секојдневни разговори“, вели Пол Хенеси, главниот извршен директор на „Шатерсток“.