Градоначалникот на скопската општина Центар, Горан Герасимовски во предизборниот период пред локалните избори што се одржаа во октомври 2021 година пред граѓаните вети дека населбата Дебар Маало ќе добие нов лик преку изведба на нова општинска зграда со Младински центар, подземен паркинг и ново шеталиште со парк. Ова предизборно ветување е во самиот зародиш на исполнување и можеме да оцениме дека е во тек на исполнување.
Актуелниот градоначалник Герасимовски на 7 октомври 2021 година изјави дека населбата Дебар Маало ќе добие нов лик преку изведбата на ново шеталиште, нов парк, два нови паркинга и нова општинска зграда во која ќе биде сместен и Младинскиот центар коишто ќе се изведат на местото на постојните општински бараки на Општина Центар.
„Во овој круг на руинирани бараки, на средина ќе има мала модерна административна зграда во која покрај Советот ќе биде сместен Младинскиот центар и други здруженија на граѓани кои работат во интерес на жителите на Општина Центар. За поголема безбедност на граѓаните на отворениот простор кон булевар „Илинден” ќе бидат лоцирани комуналната полиција и противпожарната бригада со едно до две противпожарни возила. Голема површина зеленило предвидуваме кон улица „Орце Николов” кое ќе биде претворено во мало шеталиште, хортикултурно уредено со модерна урбана опрема и ЛЕД – осветлување. На местото на првата барака до улица „Орце Николов” ќе биде сместен подземен паркинг на две нивоа за 300 возила, додека оградата ќе се замени со нова од еколошки материјали“, изјави Герасимовски.
Ова ветување градоначалникот го даде не само од аспект за добивање на нови простории за општинската администрација и за Младинскиот центар, туку и од аспект на обезбедување на дополнителни паркинг места во населбата Дебар Маало, и истото ветување го повтори и во други наврати, на пример во изјавата за Телевизија 24 на 6 октомври 2021 година, во текот на предизборната кампања.
Градоначалничкиот мандат на Горан Герасимовски трае до есента 2025 година, а од Општина Центар во изјава за Мета.мк информираат дека општинските власти презеле конкретни активности за реализација на ова ветување, при што било поднесено барање за доделување на трајно користење на земјиштето во рамки на градежната парцела, како почетен услов за реализација на изградбата на нова општинска зграда.
Во изминатиов период биле остварени состаноци со подрачните одделенија на неколкуте министерства коишто користат простории во постоечките времени објекти, а кои и во идната зграда ќе имаат свои канцеларии.
„Во тек е изработката на програма, која понатаму ќе биде основа за распишување на конкурсот за идејно архитектонско-урбанистичко решение за идната општинска зграда и пропратните содржини“, информираат од Општина Центар.
Општинските власти за Мета.мк објаснуваат дека Општина Центар дополнително ќе распише јавен конкурс за идејно архитектонско-урбанистичко решение за идната општинска зграда и нејзините пропратни содржини. Точна проценка за висината на инвестицијата во новата општинска зграда со Младински центар, подземен паркинг, шеталиште и парк тие не можеа да обелоденат, информирајќи дека сумата ќе биде позната по усвојувањето на конкретното идејно решение и изработката на основниот проект.
Во однос на конкретни детали за тоа која година би можело да се очекува финализирање на реализацијата на ова ветување, од Општина Центар единствено информираат дека за сите наредни чекори во однос на конкурсот, условите и реализацијата на проектот за нова општинска зграда јавноста и медиумите дополнително ќе бидат навремено информирани.
Врз основа на погоре добиените одговори од Општина Центар за конкретните активности преземени во изминативе 15 месеци, можеме да оцениме дека ветувањето на градоначалникот Горан Герасимовски е на самиот почеток на реализација. Земајќи го предвид фактот дека Општина Центар започнала со почетни активности за реализација на предизборното ветување, но и дека има време до крајот на неговиот мандат во 2025 година за да се распише архитектонски конкурс за идејно решение, да се изработи основниот проект и да се оформи финансиската конструкција со тендер за изведба, оценуваме дека реализацијата на ова ветување е во тек.
ИЗВОРИ
Слободен Печат (7.10.2021 година): Герасимовски: Дебар Маало со нов лик – добива два паркинга, парк, шеталиште и нова општинска зграда, проверено на 7.2.2023 година;
Центар.мк (6.10.2021 година): Герасимовски: Со подземни, надземни и монтажни гаражи ќе го решиме проблемот со паркирање во Центар, проверено на 7.2.2023 година.