fbpx

Мета факт: Владата не ги воведе ветените еколошки налепници за категоризација на возилата

-

Владата на Република Северна Македонија кон крајот на 2018 година вети воведување на еколошки налепници за категоризација на возилата, со рок за имплементација во 2019 и 2020 година. Ова ветување беше наведено во Програмата за намалување на аерозагадување на Владата на РСМ и до денешен ден е неисполнето.

Извршната власт на 15 ноември 2018 година ги презентираше планот и програмата за намалување на аерозагадувањето во земјава, чија што имплементација требаше да постане стратешки приоритет на Владата во 2019 година. Во Програмата за намалување на аерозагадување, на страница 4, се вели дека таа ќе се имплементира во 2019 и 2020 година во сите сегменти.

Во оваа програма, на страница 6, ветено е воведувањето на еколошките налепници за возилата, како една од мерките што ќе се спроведат од страна на централната власт во транспортниот сектор, а во функција на намалување на загадувањето на воздухот.

Поранешниот заменик министер за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на 10 ноември 2018 година изјави дека со планираните измени во Законот за возила ќе се воведат еколошки налепници за сите возила што се регистрирани во земјава, како една од мерките за ублажување на загадувањето на воздухот низ општините.

Ваквото ветување уште еднаш го повтори актуелниот министер за економија Крешник Бектеши, којшто на прес-конференцијата одржана на 31 јули 2019 година изјави дека со последните измени и дополнувања на Законот за возила кои беа усвоени од Собранието на РСМ на 30 јули ќе се воведе категоризација на возилата преку изготвување на правилник согласно кој ќе се воведат еколошките налепници на возилата.

И покрај тоа што во Програмата за заштита од аерозагадувањето е наведено дека сите мерки ќе се имплементираат во сите сегменти, министерот Бектеши на 31 јули 2019 година изјави дека изменетиот и дополнет Закон предвидува возачите да ја имаат еколошката налепница на своите возила на доброволна база, односно да не е обврска на сите граѓани.

Идејата на овие еколошки налепници беше да ја прикажуваат категоријата на возилото, при што во периоди на високо загадување на воздухот коишто ќе се прогласат во одредени општини во земјава, возачите да можат да влегуваат во таа општина само доколку имаат зелена налепница на нивното возило.

„Прва еколошка категорија ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 5 и повисоко, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, хибридните возила и електричните возила, како и возилата кои имаат вградена опрема која ја намалува емисијата на гасови во воздухот и ги достигнуваат стандардите на EURO 4,5 и повисоко. Втора еколошка категорија, ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3, а трета еколошка категорија, ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови“, информираше Бектеши на 31 јули 2019 година.

Сепак, Мета.мк по повеќе од 16 месеци од ветувањето, на 2 ноември 2020 година пишуваше дека Министерството за економија потврдило оти црвените, жолти и зелени налепници кои требаше да ги класифицираат возилата според степенот на испуштање на издувни гасови во моментов не се функционални.

Мета.мк преку електронска пошта во текот на септември годинава достави прашања до Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање со барање за информации за тоа кога ќе почне воведувањето на категоризацијата на возилата и лепењето на еколошките налепници на возилата кои ќе укажуваат на емисиите на издувни гасови.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека Законот за возила и изработката на подзаконските акти се во ингеренција на Министерството за економија.

„Во однос на контролата, согласно Законот за возила, по донесувањето на прописите и доделувањето на еколошки налепници од техничките служби, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе го следи спроведувањето на Законот за возила во делот на еколошките налепници преку инспекторите за животна средина кои поднесуваат барање до Комисијата за одлучување по прекршок која фунционира во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање“, велат од ова министерство.

Од Министерството за економија за Мета.мк информираат дека во моментов се работи на доусогласување на подзаконскиот акт (правилникот).

„Министерството за економија изработи правилник со кој се пропишува постапката за определување на еколошката категорија на возилата, формата, содржината и начинот на поставување на еколошката налепница, како и висината на трошоците за утврдување на еколошката категорија на возилото и за изготвување на еколошка налепница и истиот го достави на мислење до Секретаријатот за законодавство. Во моментов, согласно забелешките на Секретаријатот за законодавство, се работи на правно-техничко и редакциско подобрување на текстот на правилникот“, велат од Министерството за економија.

Оттаму појаснуваат дека воведувањето на еколошка категоризација на возилата треба да почне по објавувањето на правилникот со кој се пропишува постапката за определување на еколошката категорија на возилата, формата, содржината и начинот на поставување на еколошката налепница, како и висината на трошоците за утврдување на еколошката категорија на возилото и за изготвување на еколошка налепница.

Инаку, согласно Законот за возила, сопствениците на возила, самата категоризација на возилата треба да ја вршат во техничките служби, а не во станиците за технички преглед на возилата. По утврдувањето на еколошката категорија, техничката служба им издава соодветна налепница, објаснуваат од Министерството за економија.

Во однос на трошоците за еколошката категоризација на возилото од овластена техничка служба, цената не треба да изнесува повеќе од 600 денари со вклучен данок на додадена вредност, информираат од Министерството за економија, повикувајќи се на Предлог-правилникот.

Мета.мк го консултираше Законот за возила, којшто во членот 33-а вели дека еколошките налепници ги доделуваат техничките служби овластени од Министерството за економија да вршат еколошка категоризација на возилата. Трошоците за утврдување на еколошка категоризација на возилата се на товар на сопственикот на возилото.

Во членот 68 од истиот закон се вели дека eколошката категоризација на возилата од членот 5-б утврдена во членот 2 од овој закон ќе започне да се спроведува по истекот на рокот од 12 месеци од денот на влегувањето во сила на прописот утврден во членот 3 од овој закон, а кој се однесува на членот 11 став (1) алинеја 20 од Законот за
возила. Членот 11 се однесува на прописите што ги донесува министерот за економија, а еден од овие прописи е оној што треба да ја определи еколошката категорија на возилата (став 1, алинеја 20).

Во член 68, став 2, се наведува дека возилата од втора еколошка категорија со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 во период од три години од влегувањето во сила на овој закон ќе бидат означени со еколошка налепница од прва еколошка категорија.

Инаку, овој закон утврдува дека постапката за означување на еколошката категорија на возилото, започнува со поднесување на барање со пропратна документација за определување на еколошка категорија на возилото, согласно со мерните резултати на емисијата на гасови во воздухот од сопственикот на возилото до овластена техничка
служба.

Од Министерството за економија објаснуваат дека контролата на ограничувањата на движење на возилата со високи емисии треба да ја врши Министерството за внатрешни работи, односно полициските службеници од сообраќајната полиција кои се на терен.

„Претходно општинските власти треба да определат зони и да дефинираат кои возила, односно со каква еколошка налепница ќе можат да се движат во секоја зона и да постават соодветна сообраќајна сигнализација (знаци), по кои сообраќајната полиција ќе може да постапува“, велат од ова министерство, додавајќи дека обврска на општините е да ги определат зоните од градовите, во кои ќе се одреди кои возила со каква еколошка налепница ќе можат да сообраќаат.

Еколошките налепници за категоризација на возила не се воведоа; Фото: Мета.мк, 28 септември 2022 година

Мета.мк на 28 септември 2022 година направи обиколка и на паркиралиштата низ центарот на Скопје, при што на ниту едно од паркираните возила на јавните паркинзи не успеавме да пронајдеме еколошката налепница за категоризација на возилата. Земајќи го предвид фактот дека во Програмата за намалување на аерозагадување, се наведува дека сите наведени мерки ќе се имплементираат во 2019 и 2020 година во сите сегменти, можеме да заклучиме дека ветувањето за воведување на еколошки налепници за категоризација на возилата до денешен ден е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

Програма за намалување на аерозагадувањето на Владата на РСМ, проверено на: 25.10.2022 година;

Закон за возила (редакциски пречистен текст), проверено на 25.10.2022 година;

Мета.мк (2.11.2020 година): Сезоната на аерозагадување пристигна, еколошките налепници на возилата не профункционираа, проверено на 25.10.2022 година;

Веб-страница на Министерството за животна средина и просторно планирање (10.11.2018 година): Со новиот закон за возила, се воведуваат еколошки налепници и субвенции за електрични и хибридни возила, проверено на 25.10.2022 година;

Веб-страница на Министерството за животна средина и просторно планирање (15.11.2018 година): Макрадули: Планот за чист воздух е стратешки приоритет на Владата на Република Македонија за заедничка акција и здрава иднина, проверено на 25.10.2022 година;

Веб-страница на Владата на РСМ (31.07.2019 година): Бектеши: Со новиот Закон за возила се воведуваат еколошки налепници, субвенции за вградување на плински уреди во возилата и замена на стари со нови возила, проверено на 25.10.2022 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...