fbpx

Мета факт: Сè уште ги чекаме владините субвенции за набавка на хибридни и електрични возила

-

Во државниот буџет за 2023 година не се предвидени финансиски средства за субвенции за граѓаните за набавка на хибридни и електрични возила, иако ваквото ветување беше дадено од македонската влада уште при крајот на 2018 година. Владата на 15 ноември 2018 година вети воведување на субвенции за набавка на електрични и хибридни возила, со рок за имплементација во 2019 и 2020 година, како една од мерките во транспортот за намалување на загадувањето на воздухот. Ова ветување беше наведено во Програмата за намалување на аерозагадување на Владата на РСМ и до денешен ден е неисполнето.

Македонската влада на 15 ноември 2018 година ги презентираше планот и програмата за намалување на аерозагадувањето во земјава, чија што имплементација требаше да постане стратешки приоритет на Владата од 2019 година. Во Програмата за намалување на аерозагадување, на страница 4, се вели дека таа ќе се имплементира во 2019 и 2020 година во сите сегменти.

На шестата страница од Програмата за намалување на аерозагадувањето, ветени се измените на Законот за возила, со кои, меѓу другото, ќе се воведат субвенции за набавка на електрични и хибридни возила.

Со Програмата за субвенционирање на купување на нови хибридни и електрични возила, изјави на 10 ноември 2018 година тогашниот заменик-министер за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, се предвидуваа субвенции за граѓаните во износ од 5.000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила, како и 3.000 евра за набавка на хибридно возило. Притоа, во првата година тој најави дека предвидено е да бидат доделени субвенции за 200 возила.

И покрај ваквото ветување од Програмата за намалување на аерозагадувањето и изјавите на владини функционери, најавените субвенции за набавка на хибридни и електрични возила не се остварија во реалноста ниту еднаш во периодот од 2019 година до денес.

Од Министерството за економија за Мета.мк објаснуваат дека и во државниот буџет за 2023 година не се предвидени финансиски средства за субвенции за граѓаните кои планираат да набават хибридни или електрични возила.

На прашањето зошто ги нема најавените субвенции, од Министерството за економија прстот го вперуваат кон Собранието на РСМ.

„Согласно најавата од 2018 година, Министерството за економија во 2019 година изработи Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за возила во кој беше предвидена програма за субвенционирање за купување на возила на електричен погон. Предлог законот во собраниска процедура беше изменет и од текстот на истиот беше отстранета Програмата за субвенционирање за купување на возила на електричен погон“, велат од Министерството за економија.

Од ова министерство објаснуваат дека и годинава до Владата доставиле Предлог иницијатива за годишната Програма за работа на Владата за 2023 година („Програма за субвенционирање на купување на нови хибридни и електрични возила за 2023“), со надеж дека Законот за возила ќе биде изменет и во него ќе биде вградена наведената Програма за субвенционирање на купување на нови хибридни и електрични возила.

„Програмата предвидуваше средства во износ од 240.000.000 МКД. Се предвидуваше да се субвенцинира износ од 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на хибриднии и износ од 5.000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила“, велат од Министерството за економија за нивниот предлог.

Мета.мк во февруари 2021 година пишуваше за искористеноста на електричните возила во земјава, и тогаш медиумот посочи дека единствената поволност за граѓаните со новиот Закон за данок на моторни возила што стапи на сила на 1 јануари 2020 година, е тоа што електричните возила се ослободени од посебен данок на моторни возила, додека за хибридните возила граѓаните се ослободени од плаќање на 50 отсто од данокот.

Земајќи го предвид фактот дека во Програмата за намалување на аерозагадување, се наведува дека сите наведени мерки ќе се имплементираат во 2019 и 2020 година во сите сегменти, вклучувајќи ја и мерката за воведување на субвенции за набавка на електрични и хибридни возила во земјава, можеме да заклучиме дека ваквото владино ветување до денешен ден е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

Програма за намалување на аерозагадувањето на Владата на РСМ, проверено на: 20.12.2022 година;

Веб-страница на Министерството за животна средина и просторно планирање (10.11.2018 година): Со новиот закон за возила, се воведуваат еколошки налепници и субвенции за електрични и хибридни возила, проверено на 20.12.2022 година;

Веб-страница на Министерството за животна средина и просторно планирање (15.11.2018 година): Макрадули: Планот за чист воздух е стратешки приоритет на Владата на Република Македонија за заедничка акција и здрава иднина, проверено на 20.12.2022 година;

Мета.мк (24.2.2021 година): За аерозагадување секој зборува, електрични возила ретко кој користи [мултимедија], проверено на 20.12.2022 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...