fbpx

Мета факт: Нема абер од чистење на дивите депонии во Скопје, кому му текне фрла ѓубре кај ќе стигне [фото]

-

Скопската градоначалничка Данела Арсовска во својата предизборна „Програма за модерно Скопје“ пред одржувањето на локалните избори во 2021 година како едно од клучните ветувања што ги даде пред граѓаните беше чистењето на сите диви депонии во првите 82 дена од нејзиното доаѓање на власт. Екипа на Мета.мк во текот на јануари 2023 година беше на неколку локации низ Скопје, каде што традиционално со години наназад нелегално се фрла отпад и од увиденото на терен можеме да заклучиме дека ова предизборно ветување на градоначалничката не е исполнето.

„Дивите депонии се сериозна закана за животот на скопјани и голем проблем со кој се соочуваме со години. Затоа, за чист воздух над Скопје, за обезбедување чист воздух за сите нас, поставивме приоритет – чистење на сите депонии во градот и во околината на Скопје во првите 82 дена од мандатот. Со решителност, со работа и непоколебливост ќе се избориме за тоа што ни е неопходно, чист воздух и животна средина“, се наведува на страница 15 од „Програмата за модерно Скопје“ на градоначалничката Данела Арсовска.

Екипа на Мета.мк во текот на јануари 2023 година излезе на терен за да провери што од дивите депонии во Скопје е исчистено изминатиов период. На 9 јануари 2023 година бевме на терен на локацијата Вардариште, општина Гази Баба, каде што на терен утврдивме дека е расфрлан отпад околу рециклажниот двор на ЈП „Комунална хигиена“, но и на неколку места покрај самиот кеј на Вардар на Вардариште. Од нашите снимки направени со дрон јасно се гледа дека на дивата депонија на оваа локација се гори отпад, бидејќи видливи се црни траги од изгорени материјали, а со ваквиот потег незаконски се загадува воздухот во Скопје.

На 23 јануари, Мета.мк направи обиколка на дивите депонии коишто пред точно една година веќе ги посетивме. За тоа што откривме од расфрлано ѓубре на локациите во јануари 2022 година, може да прочитате во објавениот текст лани.

Една година подоцна, нашето патување го започнавме од населбата Визбегово. Патот што ги поврзува населбите Визбегово и Шуто Оризари е преполн со ѓубре од двете страни на патот. Отпад се фрла уште на излезот од Визбегово, каде што забрзано се издигнуваат нови објекти. Оваа популарна локација за фрлање отпад е на границата помеѓу општините Бутел и Шуто Оризари.

На терен забележавме најразлични видови на отпад, од остатоци од храна, текстилен отпад, стари кревети и столици до градежен шут и измешан комунален отпад. За волја на вистината, пред влезот во дивата депонија во Визбегово е ставено предупредување дека е забрането фрлање отпад, но и дека казната за овој прекршок изнесува 50 евра. Сепак, на терен не забележавме дека некој врши контрола за тоа кој-што прави на ова место. Додека нашата екипа беше на терен, можевме да забележиме камион што истураше земја на ова место.

Веднаш до дивата депонија во Визбегово може да се забележи дека граѓани засадиле житни култури, односно на едно место се фрла отпад и се сади храна која што во иднина ќе се најде на домашните трпези на граѓаните.

Како што го продолживме патот кон општина Шуто Оризари, количеството на незаконски расфрлан отпад се зголемуваше. Во еден момент, пред првите куќи во населбата, колите минуваат низ невообичаен пејсаж. Огромни ридови од ѓубре се рафрлани од двете страни на патот и не дозволуваат поглед кон околната средина од висината на натрупаното ѓубре. На терен има буквално најразличен отпад, а околу нас се слушаше и лаеж на неколку кучиња. Од натрупаниот отпад, возилата тешко се разминуваат по патот.

За разлика од лани, на оваа локација наидовме на табли поставени од скопската општина Шуто Оризари, со предупредување дека постои видео надзор на ова место и дека се снима секој што незаконски ќе фрла отпад на терен. Сепак, од целокупниот “пејсаж” можевме да утврдиме дека на несовесните граѓани воопшто не им пречи да бидат снимени во чинот на расфрлање на ѓубрето.

Екипата на Мета.мк го продолжи патувањето по новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ во скопската општина Бутел, од каде што се издвојува тесен пат што води кон Смилковското езеро. Идентично како и во Шуто Оризари, и овде може да се забележат своевидни „дини“ од ѓубре од двете страни на патот. И тука, надлежните власти од оваа општина поставиле предупредување дека е забрането фрлањето ѓубре на локацијата и дека на прекршителите ќе им биде одземено возилото со кое го извршиле ваквиот прекршок.

Сепак, она што го увидовме на терен е дека и овде поединци, кои се жители на главниот град, немаат мака со предупредувањето на општинарите и слободно фрлаат најразличен отпад на оваа локација. И овде забележавме дека дел од натрупаниот отпад се горел, што исто така негативно влијае на квалитетот на воздухот во Бутел.

Откако се уверивме дека дивата депонија постои и во Бутел, екипата на Мета.мк премина во општина Центар, на локацијата под Амбасадата на САД во Скопје. Некогашниот авто-полигон под Скопското Кале си останува локацијата каде што може незаконски да се фрла отпад без никакви последици. На терен забележавме расфрлан отпад барем на четири локации на полигонот, и тоа од остатоци од изгорен мебел, измешан комунален отпад, па сè до градежен шут.

Нашата екипа утврди дека отпад се фрла и од ридот на Скопското Кале, на местото веднаш до француските гробишта, коешто се “разлева” по стрмниот ридски предел и овозможува една “прекрасна” панорамска фотографија на Скопје, налик на фавелите од Бразил.

При обиколката на дивите депонии, на 23 јануари ја посетивме и локацијата на кејот на Вардар во населбата Карпош 4, каде што веќе подолг период се ветува изградба на нов парк, веднаш до булеварот Илинден. Лани, до оградениот простор каде што треба да се гради идниот мост преку реката Вардар наидовме на купишта ѓубре. Годинава, на истото место е изграден обиколен асфалтен пат, како алтернатива за движење на пешаците и велосипедистите кои се рекреираат на кејот, бидејќи постојните патеки се затворени поради изградбата на мостот. Иако и оваа локација во општина Карпош изгледа неурбанизирана поради нереализираниот парк, сепак утврдивме дека ѓубрето што го затекнавме лани на ова место, годинава го немаше.

Покрај нашето патешествие низ Скопје во дождливиот и каллив јануарски ден, Мета.мк се обрати и до скопските градски власти за да побара одговори на неколку прашања во однос на дивите депонии во Скопје. Го прашавме Градот Скопје колку диви депонии се исчистени заклучно со денешниот ден, колкаво количество на отпад е собрано и на колкава површина се простираат исчистените локации. Нашето барање за информации го испративме по електронски пат во два наврати, на 20 и 23 јануари, но до денешен ден не добивме одговори на поставените прашања.

Она што остана неодговорено од скопската градска власт е и до каде е објавувањето на мапата со детектираните локации на кои има диви депонии во Скопје и кога самите тие очекуваат дивите депонии на територијата на главниот град да постанат минато. Прашавме и за тоа каква е соработката на Градот Скопје со 10-те општини при чистењето, уредувањето и контролата над локациите на кои нелегално се фрла најразличен отпад.

Како резултат на нашата обиколка на неколку локации кои се претворени во диви депонии во пет скопски општини, можеме да заклучиме дека предизборното ветување на градоначалничката Данела Арсовска за чистење на сите диви депонии во Скопје во првите 82 дена од нејзиниот мандат не е исполнето до денешен ден и по изминати над 14 месеци од нејзиното раководење со метрополата, иако Градот Скопје вложи напор во неколку наврати да спроведе акции за чистење на ѓубре на некои од посочените локации во изминатиов период.

 

ИЗВОРИ:

„Програма за модерно Скопје“, проверено на 23.1.2023 година;

Мета.мк (27.1.2022 година): И по 82 дена, Данела Арсовска не ги исчисти сите депонии низ Скопје [галерија], проверено на 23.1.2023 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...