Мета факт: Година и половина на Клиниката за психијатрија не се хоспитализираат пациенти, пробиени се сите рокови за реконструкција

Реконструкцијата на клиниката првично требаше да биде завршена лани во октомври, па потоа рокот да се продолжи за цела една година, а сега министерот Таравари вели дека очекува клиниката да биде пуштена во употреба во декември годинава

-

Универзитетската клиника за психијатрија поради реновирање беше затворена во мај минатата година, а предвидувањата беа дека првиот спрат на клиниката заедно со фасадата ќе бидат завршени до октомври 2023. Но, оттогаш измина повеќе од една година, а клиниката сѐ уште не работи, односно реновирањето е во тек, а пациенти за хоспитализација не се примаат.

На прашањето на Мета.мк поставено на 8 октомври годинава, министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека се очекува клиниката да биде пуштена во употреба „следниве денови“ (октомври 2024). Ова не се случи, па оттаму може да се заклучи дека ветувањето на Таравари не е исполнето во дадениот рок.

Универзитетската клиника за психијатрија требаше да биде првиот здравствен објект кој ќе ја подобрува енергетската ефикасност, а тоа во мај 2023 година беше објавено и на веб-страницата на клиниката.

„Објектот на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје ќе биде комплетно реновиран и ќе стане енергетски ефикасен преку проектот за подобрување на енергетската ефикасност што се финансира преку Светска банка, а го спроведува Министерството за финансии, во соработка со Министерство за здравство. Градежните работи почнуваат денеска, на 15 мај и се очекува за пет месеци објектот да го добие својот нов лик“, стои во известувањето.

Во овој период, а и сѐ уште, не се хоспитализираат пациенти на клиниката, а оние на кои им е неопходна хоспитализација се препраќаат во Психијатриската болница-Скопје и одделот за психијатрија во Градската општа болница „8 Септември“. Детскиот оддел, исто така функционира во ГОБ „8 Септември“- Скопје.

И по поминувањето на рокот од 5 месеци, клиниката не започна да функционира, а во меѓувреме беше завршена фасадата, но не и реконструкцијата на првиот спрат, со што практично изостануваше и хоспитализацијата на пациенти.

На 8 октомври годинава, на Светскиот ден на менталното здравје, Мета.мк го праша министерот за здравство Арбен Таравари кога клиниката ќе биде пуштена во употреба и зошто толку се доцни (8 минута од видеото), на што тој одговори:

„Јас не знам кога е ветено, ние требаше да ја промовираме кон почетокот на октомври, се надевам дека следните денови ќе ја промовираме, речиси и да сме готови“.

Оттогаш поминаа месец и половина, но произлезе дека прогнозите на Таравари не се точни. На нашето прашање до Министерството за здравство зошто ова ветување не е исполнето и клиниката не е во можност да прима нови пациенти, ни беше одговорено следното:

„Реконструкцијата на Клиниката за психијатрија е во завршна фаза и се работи на финалните градежни и технички детали. И покрај сите напори да се запази првично најавениот рок, одложувањето е резултат на непредвидени технички предизвици кои беа ефикасно адресирани. Во план е промоцијата и пуштање во функција на Клиниката да се одржат на почеток на декември, со што ќе биде обезбеден целосно современ и функционален простор за потребите на пациентите и здравствениот персонал“.

Поради сето погоренаведено, заклучуваме дека ветувањето дека УК за психијатрија ќе биде пуштена во употреба првично лани, а потоа во октомври годинава, не е исполнето во предвидените рокови.

 

ИЗВОРИ:

Веб-страница на Универзитетска клиника за психијатрија, 15.05.2023 година  –  УК за психијатрија прв здравствен објект кој ќе ја подобрува енергетската ефикасност (проверено на 26.11.2024 година)

Миа.мк, изјава во живо на министерот за здравство Арбен Таравари, 08.10.2024 година (проверено на 26.11.2024 година)

Одговор по електронска пошта од Министерство за здравство добиени на 22.11.2024 година

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината од отворањето...

Весна Дамева поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет, обвини за притисоци од власта

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, како што рече, за да го зачува својот личен интегритет. Таа ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и...

За справување со пожарите и поплавите итно ни треба Национален план за адаптација

Македонија, како држава која нема финансиски средства да се справи со поплавите и пожарите, мора итно да изработи Национален план за адаптација кој ќе помогне да се организираат и координираат мерки...

Линеарното покачување на пензиите бара повисоки даноци и работен век до 67 години и за мажи и за жени

Линеарното покачување на пензиите од 5.000 денари, 2.500 денари во октомври и уште 2.500 денари во март в година, на долг рок ќе ја наруши одржливоста на Фондот за пензиско и...

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината...