„Мета“ доби тужба од 2 милијарди долари поради насилство во Етиопија

Фото: Kon Karampelas на Unsplash

Алгоритмот на Фејсбук помогнал да се поттикне ширење на омраза и насилство за време на граѓанската војна во Етиопија, се тврди во правен случај, пренесе Би-Би-Си.

Оштетените бараат 2 милијарди американски долари за жртвите на омразата на Фејсбук, но и промени во алгоритмот на самата платформа.

Од „Мета“ велат дека инвестираат многу во модерирањето на содржините и технологијата со цел да се отстрани омразата и дека говорот на омраза, како и поттикнувањето насилство се против правилата на Фејсбук.

Стотици илјади лица загинаа во конфликтот меѓу етиопската влада и силите во северниот регион Тигра, додека 400.000 други живеат во услови на глад. Како што пишува Би-Би-Си, минатиот месец беше постигнат изненадувачки мировен договор, но неодамна имаше пораст на етнички мотивирани убиства меѓу Амхара и Оромо заедниците.

Меѓу лицата кои го покренаа правниот случај против компанијата „Мета“ е и Абрам Меарег, син на етиописки акаедмик кој бил убиен откако бил нападнат во објави на социјалната мрежа Фејсбук. Во ноември минатата година, Меарег Амаре Абхара од неговиот универзитет бил следен до дома од вооружени мажи на мотори и бил застрелан додека влегувал во неговиот дом. Заканите од неговите напаѓачи ги спречиле сведоците да му помогнат додека лежел повреден пред да почине. Абрам тврди дека пред нападот, на Фејсбук биле откриени идентификациски информации за неговиот татко.

„Ако Фејсбук го запреше ширењето на омраза и правилно ги модерираше објавите, татко ми сè уште ќе беше жив“, вели Меарег за Би-Би-Си.

Во својата изјава пред судот во Кенија каде што е поднесена тужбата, Меарег тврди дека Фејсбук промовира омраза и поттикнувачка содржина бидејќи предизвикува поголема интеракција од корисниците. Тој тврди и дека модерирањето на содржините на Фејсбук во Африка е несоодветно, со многу малку модератори кои се занимаваат со објави на клучните јазици на заедниците Амхара, Оромо и Тигринија.

Од „Мета“ велат дека постојано вработуваат персонал со локално знаење и експертиза и за териториите каде што живеат овие заедници.