МЕСА: Независно од бројот на нови популарни игри, евергрините во е-спортот ќе останат играни

Фото: Florian Olivo, Unsplash

Од почетокот на годинава, Македонската Е-спорт Асоцијација организираше три настани, Quarantine Online Tournament vol.1; Quarantine Online Tournament vol.2 и MESA Gaming Weekend, не земајќи го во предвид актуелниот Autumn Gaming Month, кој ќе трае и во декември. „Мета.мк“ разговараше со претседателот на МЕСА, Константин Пејоски кој вели дека пандемијата со ковид-19 само го забрза интересот за гејмингот, што се почувствувал како на глобално ниво, така и кај нас. Според сите статистики (Steam/Twitch/YouТube/Google) во овие уникатни периоди каде што е најпаметно да седиме дома, Пејоски вели дека континуирано се рушат рекорди во број на играчи и број на гледачи.

Константин Пејоски, претседател на МЕСА / Фото: mesa.com.mk

„Додека зборуваме за гледаност, глобалниот тренд на големи бројки се докажува и кај нас, имено во сите турнири и настани до сега имаме убедливо најголема гледаност во однос на досега организираното во нашата држава. Дополнително на Twitch и YouТube се зачувани нашите преноси во живо и досега се прегледани илјадници пати. Несомнено е дека контекстот и реалноста создадена од ковид-19 „помогна“ во овие бројки, но исто така желбата за ваквите натпреварувања и големината на гејмингот воопшто е неоспорлива, како на глобално ниво така и кај нас“, вели претседателот на МЕСА, според кој со новите генерации, е-спорт сцената зема сѐ поголем и позначителен замав.

Но, со новите генерации, доаѓаат и нови игри. Пејоски вели дека постои разлика помеѓу видео игрите кои се играат за забава и видео игрите кои претставуваат „евергрини“ во е-спорт сцената. Игрите кои после толку години постоење на Twitch и толку многу нови популарни сензации како Fortnite и Among Us сѐ уште ги држат рекордите за гледаност.

„Гејмингот многу брзо се омасовува, има доволно гејмери и доволно игри за сечиј вкус, но сепак како и било кој извор на забава и натпреварување, „евергрин“ видео игрите остануваат непроменети. На пример, Counter-Strike во една или друга форма постои од 1999 година, Dota 2 од 2002, Quake и World of Warcraft се исто така видео игри кои постојат со децении. Тие се таканаречени „перфектни игри“ на кои другите се потпираат и од кои се добива инспирација. Независно од бројот на нови популарни сензации, „евегрините“ ќе останат играни“, дециден е Пејоски.

Во однос на возрасната група застапена во гејмингот, претседателот на МЕСА вели дека таа е релативно иста насекаде во светот, во просек „гејмерот“ е помеѓу 15 и 35 години. Но, иако порано гејмингот беше сфатен како „машка работа“, сега односот на родовата застапеност се доближува сѐ повеќе кон еднаквост. Според најнови статистики на интернационално ниво тој сооднос е 60-40 проценти, каде што 60 отсто се машкиот пол.

„Со сѐ поголемата популаризација на видео игрите, како и технологиите, воопшто несомнено е дека гејмингот е извор на забава и социјализација наменет за сите“, додава Пејоски.

Инаку, за целосна транспарентност, овогодинешните активности на МЕСА се одвиваа „од ден за ден“. Пејоски вели дека иако нашата држава ги има бројките, сепак треба многу убедување за маркетинг секторите во домашните корпорации и компании. За позитивен пример, поддршка и препознавање, тој го посочува тимот на Europe House, кој им бил „ветар во грб“.

„На почетокот на оваа година организиравме поденечни турнири, потоа Гејминг викенди и сега стигнавме до гејминг месец. Љубовта која нашиот тим ја има кон видео игрите ни овозможува да се спротивставиме со сите предизвици, а верувајте во општество како македонското ги има многу“, вели тој.

МЕСА од идната година планира да почне да работи со годишни планови и стратегии, а главната идеја кон која цели МЕСА е поставување на гејмингот на пиедесталот на кој припаѓа. Во контекст на иднината, Пејоски вели дека имаат планови и идеја за соработка на ниво на Балканот, за што веќе имаат остварено контакти, а и се дел од Балканскиот еспорт сојуз (AESA), па потоа и на пошироко ниво.

„Земајќи ги во предвид нашите достигнувања во неполна година, сигурни сме во нашите способности овие идеи да станат реалност што поскоро“, додава Пејоски.

Тој истакнува дека горди се на луѓето кои се дел од МЕСА, компаниите кои ги поддржуваат и гејмингот воопшто, од гледачите и играчите, како и медиумите и поединечните новинари кои пишуваат за информациите од сферата на гејмингот и важноста на истиот во овие уникатни периоди.

Гејмингот е уникатна алатка. Преку интернетот не е важно од каде си и од какво опкружување потекнуваш, туку е важно нивото на подготвеност, пожртвуваност и компетентност. МЕСА континуирано докажува дека и во нашата држава има простор, организираност и подготвеност за оваа сцена да се развие, заклучува претседателот на МЕСА.