Image by Wolfgang van de Rydt from Pixabay

Наследник на Ангела Меркел на чело на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) е Армин Лашет, актуелен премиер на германската покраина Северна Рајна Вестфалија, јавуваат светските медиуми. Изборот на Лашет ќе значи продолжување на прагматичната политика што ја воспостави Ангела Меркел во изминатиот период од 16 години.

Лашет победи во вториот круг од гласање на одржаниот он-лајн конгрес, на кој учествуваа 1.001 делегат. Од нив, Лашет освои 521 глас, додека неговиот противкандидат – поранешниот шеф на пратеничкиот на ЦДУ во Бундестагот Фридрих Мерц освои 466 гласови. Претходно, во првиот круг од гласањето Мерц водеше со 385 гласа наспроти освоените 380 гласа на Лашет.

Промената во претседателствувањето на најмоќната германска партија во моментов доаѓа во период пред одржувањето на германските федерални избори, кои се планирани за 26 септември годинава. Спроведените анкети на јавното мислење на крајот од декември 2019 и почетокот на јануари 2020 година покажуваат стабилно водство од над 15 отсто на владејачката партија ЦДУ пред останатите партии. Деценискиот ривал на конзервативците – германската Социјалдемократска партија со околу 15 отсто поддршка се наоѓа на третото место на анкетите, додека Зелените ја држат стабилно втората позиција со околу 20 отсто доверба од гласачите.

Сепак, промената на чело на ЦДУ со заминувањето на Меркел го отвора прашањето кој треба да биде идниот канцелар на Германија. И покрај изборот на Армин Лашет за претседател на владејачката партија ЦДУ, анкетите покажуваат дека во моментов најголем дел од конзервативните гласачи во земјата сакаат иден германски канцелар да постане баварскиот премиер Маркус Зодер.