Меркел вели треба време за да се постигне договор меѓу С. Македонија и Бугарија

Фото: Влада на РСМ

Германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференцијата по Самитот на ЕУ со лидерите од Западен Балкан во Словенија, порача дека не можат веднаш да се преземат решенија за надминување на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, поради тоа што во Бугарија допрва треба да се одржат парламентарни и претседателски избори.

„Тука стана јасно дека следниот чекор што треба да се преземе е да се постигне договор помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија, за да може Софија да се согласи да започне меѓувладината конференција“, изјави Меркел по одржаниот самит во словенечкото гратче Брдо кај Крањ.

Инаку за спорот меѓу двете земји, Меркел рече дека се разговарало во текот на форумот во различни, помали формати, при што на него учествувале бугарскиот претседател Румен Радев, македонскиот премиер Зоран Заев и водечки европски политичари.

Ангела Меркел во однос на сите земји од Западен Балкан рече оти е бесмислено да се говори за временска рамка за проширувањето, односно да се даде конкретен датум за влез на сите земји во ЕУ. Таа додаде дека секоја земја одделно ќе биде вреднувана според постигнатото во процесот на преговори со ЕУ.

„Кога условите ќе бидат исполнети, пристапувањето може да се случи“, изјави Меркел, порачувајќи им на земјите од Западен Балкан дека зачленувањето во ЕУ не може да се случи сега, бидејќи ниту една од земјите не ги исполнила условите.

Инаку, присутни во Брдо кај Крањ беа претседателите и премиерите на Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.

Премиерот Зоран Заев вчера од самитот на ЕУ за Западен Балкан, во изјава за медиумите порача оти e јасно дека само една членка на ЕУ – Бугарија се противи за почетокот на преговори за зачленување на Северна Македонија во Европската Унија, додавајќи дека бугарските барања изјавени преку бугарскиот претседател Румен Радев се неприфатливи за граѓаните на Северна Македонија и посочи дека македонскиот идентитет не е тема на преговори.