Германската канцеларка Ангела Меркел смета дека шансите за постигнување согласност на ЕУ-самитот за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија не се големи, пренесува „Дојче веле“.

Во нејзината изјава во германскиот парламент пред денешниот Европски совет во Брисел, Меркел повторно се изјасни во прилог на давање европска перспектива на Северна Македонија и на Албанија.

– Ние имаме одговорност кон овие држави. Мислам дека се исплаќа на Северна Македонија и на Албанија да им се даде европска перспектива – порача Меркел.

Според германската канцеларка, приемот на земјите од Балканот е во интерес на самата ЕУ, но таа не е голем оптимст.

– Германија чувствува посебна приврзаност кон земјите од Западен Балкан и сака да ги приклучи кон ЕУ. Приемот на земјите од Балкан е во интерес на Германија и на самата ЕУ. Мораме да опстоиме на дадените ветувања кон овие земји, зашто тоа ќе значи и обезбедување стабилност и благосостојба на самата ЕУ. Во меѓувреме се изградени мостови кон ЕУ-партнерите, кои се уште имаат задршки кон ова и инсистираат на поголема транспарентност на процесот на проширување. Сепак, шансите за постигнување едногласна согласност на ЕУ-самитот за давање датум на Северна Македонија и Албанија не се баш големи – вели Меркел.