Хотелот „Мериот“, на скопскиот плоштад, денеска ги отвори вратите за првите гости. Објектот се градеше шест години, а инвестицијата чини околу 30 милиони евра.
– Во хотелот вложивме многу труд, љубов и финансии. Овој објект го градеа компании од Македонија, а техничка поддршка имавме од брендот „Мериот“. Преку него влеговме во хотелската мапа на светот – изјави инвеститорот Александар Ивановски, сопственик на „Дивелоп груп“.
Според него, „Мериот“ во Скопје е изграден по најнови стандарди, модерен концепт и дизајн, а неговата безбедност е највисока во Македонија.
На новинарско прашање дали се точни информациите дека вистински сопственик на „Мериот“ е поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, Ивановски изјави дека тоа не е точно и дека тој е вистинскиот сопственик.
– Ова не е земјоделска задруга, странците знаат со кого потпишуваат – изјави Ивановски.
Освен на изгледот на хотелот, големо внимание било посветено и на обуката на персоналот, за на гостите да им се пружи светска услуга.
Хотелот има 164 соби и апартмани, вклучувајќи го и луксузниот претседателски апартман.
„Мериот интернешнал“ е глобална водечка угостителска компанија со седиште во Бетесда, Мериленд, САД со 4.500 објекти во 87 земји. Компанијата поседува 500 хотели и туристички комплекси во 60 земји во светот.