Мерењата на бугарската лабораторија за загадувањето од „Пејпер Мил“ не се прифатливи во земјава

Државниот инспекторат за животна средина нареди промена на горивото за работа на загадувачот „Пејпер Мил“ од Кочани, врз основа на резултатите на мерењата на загадувањето на воздухот добиени од акредитираната лабораторија „Фармахем“, која работи според стандардите утврдени во Правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот, и кои покажаа неколку пати повисоки концентрации на прашина од дозволените.

Мерењата, пак, направени од бугарската лабораторија „Лабленд“, не се прифатливи, информираат од Инспекторатот, со оглед на тоа дека се вршени според методи кои не се согласни со домашните правилници.

На мерењата на бугарската лабораторија, кои покажуваат дијаметрално спротивни вредности, многу пониски, од оние на „Фармахем“, претходно, во изјави за македонските медиуми, се повика генералниот директор на „Пејпер Мил“, Јулијан Даскалов, според кој нејасна е одлуката на Инспекторатот за префрлање на производниот процес на метан, гориво кое за компанијата не било исплатливо.

„Метанот не е достапен во земјава, па мораме како компресиран гас да го увезуваме по цена која за пет години порасна речиси двојно. Нејасно е зошто Инспекторатот за животна средина одбира да уважи мерења на само една лабораторија, не земајќи ги предвид и игнорирајќи ги резултатите добиени од референтни и акредитирани лаборатории од ЕУ, што е спротивно на конвенциите кои ги има потпишано Република Северна Македонија со ЕУ“, вели Даскалов.

Тој уште еднаш ја потврди одлуката на компанијата привремено да престане со работа, додека централата во Бугарија не донесе конечна одлука што ќе се случи со фабриката. Во меѓувреме, потенцираше Даскалов, 120 вработени нема да добијат отказ и ќе им бидат исплатени платите и придонесите.

Државниот инспекторат за животна средина, пак, во образложението на својата одлука информира дека наредбата за забрана на користење на котелот на пелети во „Пејпар Мил“ произлегува од надминувањето на граничните вредности на емисиите утврдени со мерења на акредитирани лаборатории од 13 и 23 ноември и 30 декември лани.

„Со мерењата спроведени на 13 и 23 ноември од ‘Еуромак-Контрол’ во присуство на државен инспектор за животна средина, утврдени се две последователни надминувања на граничните вредности и тоа 183.93 mg/m3 и 198.53 mg/m3 прашина над дозволените 150 mg/m3, како и 1.097,2 односно 1.468 mg/Nm3 јаглероден моноксид, наспроти дозволените 500mg/Nm3. Мерењата од 30 декември се спроведени од страна на ‘Фармахем’ и ‘Лабленд’ од Бугарија и значително се разликуваат. ‘Фармахем’ измери 726 mg/m3 прашина и над 3.205 mg/Nm3 јаглероден моноксид, додека ‘Лабленд’ измери 74 mg/m3 прашина и јаглероден моноксид 5.745 mg/Nm3“, информираат од државниот инспекторат.

Заради споредување на различните вредности Инспекторатот ангажирал оценувач и доставил барање до Институтот за акредитација за анализа на резултатите на мерењата, кој утврдил дека бугарската лабораторија „Лабленд“ за мерење на емисии на прашина го користела методот EN 13284-1 чијшто мерен опсег е под  50 mg/m3, а за мерење на емисиите на штетни гасови јаглерод моноксид, азотни оксиди, сулфур диоксид, јаглерод диоксид лабораторијата не користи референтни методи, односно користи интерна метода ВЛМ 01:2016 за која нема докази за еквивалентност со стандардни референтни методи, а што е пропишано со Правилникот за изменување и дополнување на правилникот за методологијата, начините, постапките, методите и средствата за мерење на емисиите од стационарните извори.

„Имајќи предвид дека опсегот на акредитираните методи на ‘Лабленд’ не е во согласност со барањата на наведениот Правилник, Државниот инспекторат за животна средина не можеше да го прифати извештајот на оваа лабораторија“, заклучуваат од Инспекторатот.

Од таму соопштуваат дека побарале и измена на граничните вредности, дозволени во А-интегрираната дозвола од 150 mg/m3 на 50 mg/m3, во согласност со Правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и посочуваат дека доколку се прифати ова барање, тогаш и граничните вредности измерени од „Лабленд“ ќе бидат над дозволените.