МЕПСО започна со модернизација на трансформаторската станица „Скопје 4“ и со овој проект ќе се замени со нова 110 (киловолтна) високонапонска опрема која е во функција над 40 години. Ревиталзацијата на најзначајната трафостаница за снабдување на Скопје со квалитетна електрична енергија е проект во кој ќе бидат вложени 4,9 милиони евра.

Според генералната директорка на АД МЕПСО Ева Шуклева, со реконструкцијата на трафостаницата ќе се добие поголема стабилност, помалку испади и помалку средства за одржување, со што, како што рече ќе се подобри и климата за инвестиции во индустриските зони, а ќе има и поквалитетно напојување за граѓаните.

„Ова е првата 400 киловолтна трафостаница во земјава изградена во 1978 година и ова е најголемата реконструкција од постоењето и изградбата на оваа трафостаница. Инвестицијата е 4,9 милиони евра, поддржана со кредит од Европската банка за обнова и развој. Договорот е потпишан со изведувачот „Кончар“, а има и македонски подизведувачи. Битноста на оваа реконструкција е затоа што од оваа трафостаница се напојуваат 110 киловолтните трафостаници во 70 отсто од регионот на Скопје и околината, меѓу кои се и индустриската зона Бунарџик, аеродромот, централното градско подрачје,“ изјави Шуклева по увидот во реконструкцијата.

Овој проект е дел од кредините аранжмани со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) инвестициски пакет вреден над 50 милиони евра во кој е предвидена ревитализација на девет трансформаторски станици, изградба на шест далекуводи во националната преносна мрежа, изградба на нова 400/110 киловолтна трафостаница кај Охрид и изградба на нов 400 коловолетн далекувод што ќе ги поврзува нашиот и албанскиот електроенергетски систем.