фото: Град Скопје
Фото: Град Скопје

Советот на Град Скопје вчера ја усвои листата на имиња на улиците во главниот град, кои предлози се од претходно спроведена онлајн анкета на граѓаните во летото 2019 година, како и од други доставени иницијативи.

„Усвоена листата на регистарот на имиња на улиците во Скопје. Мексичка, Ленинова, Железничка се враќаат во нашето Скопје“ напиша синоќа на својот Фејсбук профил, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

На промена на имињата се противат советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според кои „се гази по имињата на видни личности од македонската историја“.

Листата опфаќа имиња на истакнати личности од градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни личности и настани од македонската и од светската историја и друго.

Претходно од Град Скопје појаснија дека од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности, од кои 79 се имиња на жени, а останатите се имиња на поими кои означуваат поважни настани, топоними и други поими.

„Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на градот“, рекоа од Град Скопје, од каде додаваат дека сите идни промени на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје ќе се црпат исклучиво од оваа листа.

Целата листа со имиња на улиците може да се погледне тука.