Меѓународната организација за заштита на животните бара затворање на битолската зоолошка градина

Меѓународната организација за заштита на животните (ОИПА) и организацијата „Анималиа“ од Охрид упатија апел до македонската влада во кој бараат да се затвори зоолошката градина во Битола. Во писмото стои дека животните престојуваат во несоодветни услови и се хранат со мртви тела на кучиња скитници.

„Овој објект мора да се затвори што е можно поскоро, а животните да се преселат во соодветно живеалиште. Чувањето на овие животни во мали бетонски кафези претставува нивна сурова злоупотреба. Животните не се објекти кои можат да се користат за да се соберат пари и да се води бизнис“, се вели во апелот до македонската влада.

„Тоа се лаги и конструкции“, возврати првиот човек на Зоолошката градина во Битола, Ѓоко Дамески, на апелите за затворање.

Дамески вели дека организациите што бараат клуч на зоолошката градина се служат со стари фотографии и немаат реална слика за тоа каква е состојбата во зоолошката во последната година.

– Сè што навеле во апелот е неточно. Самиот факт што Агенцијата за храна и ветеринарство ни дава дозвола за увоз на нови животни, значи дека ги исполнуваме сите услови за чување на животни во заробеништво – вели Дамески.

Според него, во последната година се вложени 2 милиони денари во подобрување на условите во живеалиштата на животните во битолската зоолошка градина. Како што појасни тој, реновирани се кафезите за маујмуни каде е инсталирано парно греење, осветлување, а нови живеалишта имаат и тигрите и мечките.

– Самиот факт дека имаме реновирани живеалишта и нови станари, резултираше со зголем број на посетители. Ако во 2014 година имаше 10.000 посетители во текот на годината, лани тој број достигна до 21.000 посетители. Резултатите го зборуваат спротивното од она што го бараат тие кои посакуваат клуч на зоолошката градина во Битола – вели Дамески.