Фото: congerdesign from Pixabay

Црната кампања која ја започнаа провладините таблоиди во Србија против редакцијата на КРИК доведе до реакција на меѓународните новинарски организации. Невистинитите поврзувања на новинарите од овој критички медиум кон властите во Белград со криминалната група на неодамна уапсениот Вељко Беливук претставуваат бесрамна и опасна кампања, јавува КРИК.рс.

Европската федерација на новинари (EFJ) во заедничкото соопштение со уште пет други меѓународни новинарски организации вели дека станува збор за многу опасна кампања на провладините таблоиди во Србија.

„Објавувањето на неосновани тврдења кои поврзуваат угледен истражувачки медиум со истакнат член на организиран криминал ги изложува на ризик новинарите и другите вработени во КРИК. Покрај тоа, се плашиме дека овие наводи би можеле да се искористат како изговор за да се започне полициска истрага против независниот медиум и користење на државните институции за понатамошно заплашување“, се вели во нивното соопштение.

Од Репортери без граници ја повикаа на реакција министерката за култура и информации Маја Гојковиќ, но и од другите политичари побараа да дадат јавна осуда против заплашувањето на новинари.

Глобалната иницијатива против меѓународен криминал исто така ги осуди нападите против КРИК и порача дека борбата против организираниот криминал не смее да биде изговор за задушување на медиумските слободи и за застрашување на новинари кои пишуваат за организиран криминал, корупција и политика.

Од Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) изразија длабока загриженост за монтираната кампања што се води против КРИК, посочувајќи дека тие веруваат оти за лажните обвинувања е одговорен српскиот претседател Александар Вучиќ.