Претставници на организациите за проверка на факти од целиот свет, здружени во Меѓународната мрежа за проверка на факти (International Fact-Checking Network – IFCN) денеска ќе го го отпочнат својот годишен самит, кој првично беше планиран како физички настан, но поради пандемијата на ковид-19 се префрли во онлајн-просторот .

Настанот почнува од денеска и ќе трае до 30 јуни, а сите заинтересирани ќе може да ги следат случувањата онлајн преку следниот линк – globalfact7.com. На тој начин, пошироката јавност ќе може да проследи со какви предизвици се соочуваа проверувачите на факти постојано, пред сè начинот на кој се справуваат со дезинформации и манипулации од страна на злонамерни актери во време на пандемијата на ковид-19.

Со повеќе од 150 говорници од целиот свет, 24 часа во денот, преку различни дискусии во живо, презентации и работилници, проверувачите на факти од светот ќе разменуваат искуства и ќе дискутираат за специфичните случувања во различните подрачја на јавниот живот.

Еден од учесниците е и тимот на „Вистиномер“, единствената членка на (IFCN) од земјава, кој повеќе од осум години работи на проверка на фактите и на борба против дезинформациите.

По јавните сесии, годишниот светски самит на проверувачите на факти потоа ќе има и затворен дел, во кој, меѓу другото, од 27 до 30 јуни за борбата против прекуграничното пренесување дезинформации ќе говорат и претставници на „Вистиномер“.

Агендата на виртуелниот собир на проверувачите на факти може да се види тука.

Настаните од јавниот дел на globalfact7.com ќе може да се следат на соодветните страници и канали на Јутјуб, Фејсбук и Твитер.