Реномираната културна институција „Меѓународниот град на уметностите“ во Париз на својата голема изложба „Повторно надвор: жива архива“ („Emersions: archive vivante“) на архивски документи која се отвори на 10 јануари претстави фотографии и на македонски резиденти, како и една фотографија од посета на претседателот Киро Глигоров на Ателјето, и уметничко дело од академскиот сликар Коле Манев.
Изложбата ја раскажува приказната за „Меѓународниот град на уметностите“ (Cité internationale des arts) во Париз од неговото основање. Застапени се архивски фотографии, сведоштва, документарни видеа од архивата на фондацијата, во која се претставиле над 30 000 уметници од целиот свет. Оваа изложба – конципирана на темата „Градот и Европа“ – е дел од долгорочниот проект на фондацијата, која предвидува и други две изложби. Уште од основањето на Меѓународниот град на уметностите во Париз во 1965 година, голем број реномирани уметници од целиот свет учествуваат во програмите на Ателјето кои поттикнуваат меѓукултурен дијалог и обезбедуваат место каде што уметниците можат да остварат професионални контакти.
Во 2002 година Министерството за култура потпиша Договор за соработка со организацијата на Меѓународниот град на уметностите во Париз за следните 60 години. Таа година е основано и македонското Ателје, каде што продолжи континуираниот престој на македонските уметници кои дотогаш во Париз беа присутни преку ателјеата на поранешната Југославија. Од тогаш на годишно ниво, по 6 ликовни или музички уметници од Република Северна Македонија секоја година реализираат 2-месечен престој во Париз, а во договор со управата на Меѓународниот град, може да се организираат и самостојни изложби на нашите уметници. Од 2002 година до сега, престој во Ателјето имаат реализирано над 90 етаблирани, но и млади уметници од Република Северна Македонија.
Макеоднскиот ликовен уметник и филмски работник во областа на документаристиката, Коле Манев е еден од многубројните македонски уметници кои во изминатите децении имале можност да престојуваат и да творат во популарното Ателје во Париз. Тој имал шест самостојни изложби, а учествувал и на неколку групни претставувања во Франција, неговата трета татковина. За своето творештво го добил одликувањето „Почесен витез на творештвото“.
„Меѓународниот град на уметностите“ уште од своето основање во Париз во 1965 година, поддржува голем број реномирани уметници од целиот свет кои учествуваат во програмите на Ателјето, поттикнуваат меѓукултурен дијалог и обезбедуваат место каде што уметниците можат да остварат професионални контакти. Во партнерство со 135 француски и меѓународни организации од над 60 земји, Ателјето пречекува повеќе од 300 уметници од различни уметнички области за резиденции што траат до 1 година.