Меѓународниот ден на реките, екологистите го посветија на борбата против малите хидроцентрали на Лешница

Село Бозовце, Шар Планина | Фото: Мета.мк

Меѓународниот ден на реките, кој секоја година се одбележува во последната недела од септември, годинава екологистите во Македонија го посветуваат на апелот за спас на реките на Шар Планина од малите хидроцентрали. Пред два дена, екологисти, граѓански здруженија, планинарски друштва, мештани од околните села Вејце, Бозовце, Бродец и Вешала, како и вљубеници во природата во Тетово формираа неформално граѓанско движење „Зелен фронт против изградба на мали хидроцентрали“ на Шар Планина и за спас на еден од најубавите предели, Лешница.

Зелениот фронт најави дека во недела ќе биде организиран масовен собир на Лешница, на кој уште еднаш ќе се сврти вниманието на јавноста за бетонирањето на малите реки, од кои енергетската продобивка е минорна, во однос на нивната важност за живиот свет и опстанокот на биодиверзитетот.

„Со масовен собир на Лешница на светскиот ден на реките ќе искажеме отпор против малите хидроцентрали. Исто така планираме да формираме правен тим што ќе докаже прекршување на Бернската и Архуската Конвенција во постапките, а целта е да ја разбиеме хидро-мафијата и спрегите помеѓу банкарите, инвеститорите и политичарите“, велат од Зелениот фронт.

Екологистите нагласуваат дека отпор треба да има секаде каде што малите хидроцентрали го загрозуваат опстанокот на природата и луѓето.

„Малите хидроцентрали прават неповратна еколошка штета, а корист имаат само поединци. Наместо да даваат придонес во производството на ‘зелена’ енергија, тие се злосторство против природата. Екоцидот ги остава високопланинските села пусти и запустени. Се заробуваат реки во цевки, се сечат шуми, се поттикнува ерозија, со изградба на пристапни патишта и далноводи и се менува хидролошкиот режим, па околните населби немаат вода за пиење и наводнување“, посочуваат од Зелениот фронт.

Планираните хидроцентрали, според Нгадњим Мемети од невладината организација „Еко Герила“, која е дел од Зелениот фронт, значат масовно уништување на природата на Шар Планина, која што побрзо мора да стане национален парк и да се заштити на секој начин.

„Хидромафијата ја користи нетраспарентноста на доделувањето на концесиите за мали хидроцентрали, за кои се уништуваат шуми, пасишта и приватни имоти. Мора да се почитуваат Архуската и Бернската конвенција, Шар Планина е емералд подрачје и дури и да не е национален парк, секоја ваква активност е грубо кршење на меѓународните правила“, вели Мемети.

Екологистите се убедени дека високите повластени тарифи кои ги исплаќа државата се мамка за инвеститорите да градат мали хидроцентрали секаде на Балканот. За нив, велат, заработката е голема, но за сите останати, и за луѓето и природата, штетата е огромна и неповратна.

„Со други зборови, ние им плаќаме за да ни ги уништуваат најубавите и најчистите реки! Но, во Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора народот е на нозе. Коалиција на граѓански организации работи на кампањата ‘Спасете го синото срце на Европа’ за подигање на свеста на јавноста за уништување на балканските реки со изградба на малите хидроцентрали. Заради штетното влијание врз природата и врз луѓето, досега во Европа урнати се околу 400 мали хидроцентрали, а во САД повеќе од 1.000 хидроцентрали“, соопштува иницијативата.

В недела, на Лешница планинарските друштва од повеќе градови од земјава, како дел од акцијата за привлекување на вниманието за уништувањето на планинските предели со доделување на концесии за мали хидроцентрали, ќе организираат и чистење на отпадот од овој локалитет. Планинарската тура, најавува Александар Стојановски-Цули од планинарскиот клуб „Јелак“, ќе започне во недела во осум часот наутро во селото Бозовце, а сиот отпад што ќе се собере од Лешница ќе го подигне и транспортира ЈП „Национални шуми“.

„Ова е наша традиционална еколошка акција која ја организираме секоја есен, а годинава се поклопува и со активностите за спас на планината од уништувањето со изградбата на мали хидроцентрали, но и со различни други зафати како што се изградбата на пристапни патишта или пак дивата сеча на шума, што исто така се големи проблеми“, вели Стојановски.