Меѓународна младинска конференција: Ако младите не бидат вклучени во креирање политики ќе си заминат од државата!

Фото: Младински Сојуз - Крушево

„Младите мора да бидат вклучени во градењето политики со кои се обликува нивната иднина во спротивно ќе си заминат од регионот. Повеќе од потребна е конкретна акција и мобилизација“, гласи пораката од 19та Меѓународна младинска конференција која се одржа во Крушево и на која над 70 млади луѓе од регионот споделуваа заеднички визии за тоа како да си го подобрат животот во своите земји и тука да ги пресликаат европските вредности наместо да си заминуваат надвор.

Активно учество во креирањето на политиките и иднината, поголема меѓусебна соработка која ќе води кон регионална трансформација, напредна дигитализација, подобро вработување и заштита на животната средина – ова се заедничките цели на младите кои произлегоа од панел сесиите и работилниците на петдневната конференцијата насловена како “Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточната Европа“ во организација на Младинскиот сојуз.

Главната тема на годинашната конференција беше „Регионална трансформација”, а низ дискусиите младите и говорниците побараа одговор на дел од најгорливите прашања за регионот со фокус на европската интеграција во време на брзи и непредвидливи промени.

Младите лидери си поставија високи цели и се обврзаа на поголема активност во делот на дигитализација и иновации, соработка и партнерство, безбедност, владеење на право и борбата против корупцијата, како и одржливост и зелена агенда. За да се случи сето ова не треба да се дозволи младите од регионот да останат исклучени од процесите на промени.

“Сега е вашето време и ова е моментот за младите да бидат целосно вклучени. Улогата на институциите треба да биде да се осигура дека сте вклучени во подготовката на политиките за младите, но вашата улога е да станете и да зборувате гласно и да бидете сигурни дека ве слушаат. Затоа што вие подобро знаете што ви е потребно за да се прилагодите на светот што се менува. Единствениот начин да го направите ова е преку вашата вклученост. Токму тоа ни треба нам од вас младите. Да бидете активни и вклучени бидејќи институциите се исто толку силни колку како луѓето што ги претставуваат “, порача Бора Музаќи, министерка за млади и деца во владата на Република Албанија.

И претседателот на Младинскиот сојуз, Методија Стојчески посочи дека младите мора да научат од грешките од минатото на постарите генерации кои ја платиле цената на несоработка и поделби.

Сите учесници се согласни и дека економската соработка и подобри работни места се најдобар начин за помирување во регионот, но и за забавување на процесот на одлив на мозоци. Технолошката трансформација и дигитализација исто така се важен дел во овој процес.

„Дигитализацијата ќе се случи. И во нашите земји, порано или подоцна. Но, разликата е во тоа дека ќе се случи порано ако како граѓани ги притиснеме нашите политички авторитети. Потребна е политичка волја, но таа ќе стане реалност само ако ние како граѓани извршиме притисок дека тоа ни е потребно. Значи, пораката е дека вие, младите, мора да притискате за решение, мора да зборувате, мора да го кренете гласот. Системот нема да се промени ако граѓаните активно не бараат промени“, рече проф. д-р Марко Кртолица, доцент на Правниот факултет на УКИМ во Скопје.

Учесниците се согласија дека ваквите конференции и платформи како места на кои се слуша гласот на младите и се разменуваат идеи и искуства многу придонесуваат кон подобрување на регионална соработка, како и во конкретна акција конкретна акција за промоција на европските вредности имплементирани преку активностите на младите во регионот на ЈИЕ.

Инаку 19та Меѓународна младинска конференција се одржа во хибриден формат, а покрај младите од земјава учествуваа и претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Италија, Романија, Србија, Словенија и Турција, како и гости од партнерски младински организации од Германија, Франција и Полска кои имаа улога на ментори.