Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените: Потребна е промена во досегашниот пасивен однос

Image by Nino Carè from Pixabay

Денешниот ден, 25 ноември го одбележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените со кој започнува и светската кампања „16 дена активизам против насилството врз жените“.

Неговото одбележување за прв пат станува официјализирано во 1999 година од страна на Обединетите Нации и истиот е дефиниран од страна на „Истанбулската Конвенција“ или Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство.

Насилството врз жените е неоправдана постапка против која досега не можела да се избори ниедна институција. Она за што се залагаат сите надлежни установи, организации и здруженија е подигнување на свеста дека насилството врз жените е вистинско и постојано и треба да се третира како вистински и постојан проблем. Да му се обрнува внимание не треба само на овој ден, туку овој ден треба да служи како потсетник на она што се случува со жените околу светот во текот на целата година.

Македонското здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ веќе долги години (од 1994 година) работи на промоција и подобрување на човековите права во општеството на ранливите групи граѓани. Како здружение се залагаат да овозможат што поголема помош на сите жртви (жени), на кои им било извршено семејно или општо насилство.

Разговаравме со претставник на Здружението, Стојан Мишев во врска со спроведената агенда за одбележување на Меѓународниот ден на борбата против насилството врз жените.

„По повод 25-ти ноември и 16-те дена активизам за елиминирање на насилството врз жените, апелираме Владата и надлежните министерства да преземаат суштински мерки за подобрување на состојбата на жените кои претрпеле семејно насилство“, нагласува Стојан Мишев.

„Сметаме дека кампањите за зголемување на информираноста на населението во однос на препознавањето на насилството врз жените и семејното насилство, како и за законските механизми за заштита треба да се организираат континуирано во текот на целата година. Бараме промена на досегашниот пасивен однос кон оваа сериозна општествена појава од страна на Владата и надлежните министерства“, додава Стојан Мишев.

Семејното насилство е законски регулирано од 2004 година. Од Здружението велат дека коренот на проблемот лежи во недостатокот на политичка волја и алоцирање на буџетски средства од страна на државата, што се јавува како сериозен системски недостаток во период подолг од 17 години.

Тие истакнуваат дека државата се соочува со дефицит на системска едукација за практичарите од надлежните институции, институциите речиси немаат меѓусебна комуникација и постои неефективна заштита за жените кои претрпеле семејно насилство, а се применува и поблага казнена политика кон сторителите на семејно насилство.

„Здравствената криза предизвикана од ковид-19 дополнително ја влоши состојбата на жените кои претрпеле семејно насилство, односно жените се соочија со зголемен ризик и ескалација на насилството за време на вонредната состојба и мерките за ограничено движење на населението. За жал, нашата држава не го искористи овој момент како пресвртна точка за промена на досегашниот пристап, односно адресирање на сите постоечки системски проблеми, но и адаптирање на постапувањето на надлежните институции (ЦСР, полиција, суд, здравствени установи) во услови на криза“, велат од ЕСЕ.

Од 2002 година, ЕСЕ обезбедува правна помош во Центарот за заштита и советување (02 3117 866), а од минатата година за прв пат воведе и електронска платформа за советување и третирање на проблеми произлезени од насилство, достапна преку линкот pobarajsovet.mk.

Мишев објаснува дека сите нивни услуги се достапни бесплатно и користењето на платформата е многу едноставно само со внесување на мејл адреса како корисничко име.

„Како организација применуваме двостран пристап во нашата работа. Од една страна, обезбедуваме правна помош, односно правни совети и писмени поднесоци (тужби, жалби и др.) за надминување на проблемот со насилството и решавање на останатите проблеми со кои се соочуваат жените кои претрпеле семејно насилство, како што се развод на брак, старателство, издршка, имотни односи, надомест на штета и др. Од друга страна, работиме на подобрување на знаењата и вештините на практичарите од надлежните институции кои работат на предметите на семејно насилство“, појаснува Стојан Мишев.

Со користење на двете опции за добивање поддршка и помош во изминатата година биле пријавени околу 8.000 случаи. Во Република Северна Македонија беше донесен Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство дури во почетокот на оваа година на 27 јануари.

Законот започна да се применува од 6 мај 2021 година. Моменталната состојба на жените-жртви на насилство според бројката на пријавени е загрижувачка, особено знаејќи го фактот дека сигурно има уште многу непријавени ситуации кои дополнително претставуваат закана за безбедноста и заштитата на жените од насилство. Донесениот закон треба конечно да почне да дејствува во своето поле за да се намали процентот на насилство во Македонија.