Меѓународен ден на животната средина: Акција „За природата“ и заштита на биодиверзитетот

Климатските промени кои со галопирачко темпо ја уништуваат планетата Земја, но и човековите активности, кои повеќе ги поттикнуваат отколку што ги забавуваат, се главните причини за еколошката катастофа која му се случува на Преспанското езеро. Повлекувањето на водата и загрозувањето на опстанокот на живиот свет во езерото, се само еден од проблемите со кои се соочуваме во земјава. Нарушувањето на биодиверзитетот и потребата да се дооформат Црвените листи за сите видови, третманот на водите, загадувањето на почвата и воздухот, селекцијата на отпадот и ослободувањето од нечистата енергија од фосилни горива, се исто така прашања кои уште долго време ќе бидат наши приоритети.

Денеска е Меѓународен ден на животната средина, кој годинава е под мотото „За природата“ со акцент на биодиверзитетот, во земјава јавноста се почесто очекува одговори на еколошките прашања и иницијативи за решавање на еколошките проблеми. Времето кога се справуваме со пандемијата на Ковид 19, никогаш не било посуштинско за да се преземе акција за природата. Примерот со Преспанското езеро, кое е споменик на природата и заедно со природниот резерват „Езерани“, дом на многу специфични видови, е само капка во морето еколошки проблеми на земјава.

Хроничното намалување на нивото на езерото е покомплицирано и е резултат од мешавина од фактори, со тоа што човекот е најверојатно најодговорен, смета екологистот Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво. Познато ни е количеството на вода кое влегува во езерото и она кое истекува од него преку порозната Галичица и количеството на испарување, но, од друга страна не е целосно познато количеството кое се црпи од езерото. Според последниот менаџмент план за Преспанското Езеро, постојат илјадници бунари кои ја црпат подземната вода, а не се попишани. Значењето на подземната вода е огромно, бидејќи таа ја игра улогата на пуфер систем во случај на суша и треба да го одржи нивото на водата и во отсуство на врнежи.

Драган Арсовски, Македонско еколошко друштво | Фото; лична архива

„Доколку ги искористиме подземните води за наши потреби, нема да бидат тука за езерото. Дополнително, човекот активно ги суши и преобразува во обработливи површини влажните живеалишта околу езерото, често нарекувани мочуришта. Овие живеалишта покрај тоа што одржуваат најголем дел од биодиверзитетот, се истовремено и филтри на сета вода која се слива во езерскиот басен и завршува во подземните резерви“, вели Арсовски.

Преспанското Езеро и во минатото поминувало низ периоди на намален водостој, а најкритично беше во 2008 година. Истражувањата покажуваат дека нивото на водата на езерото екстремно варира во геолошката историја и било и пониско од денешното, а од седумдесеттите години хронично се намалува.

„Природното стареење на езерото секако би довело до негово исчезнување, односно процесот на еутрофикација многу постепено би го оплитнел, претворил во мочуриште и евентуално копнено живеалиште. Ова значи дека сегашното езерско живеалиште би прешло во друг вид на живеалиште – би биле истребени видовите зависни од отворени води, но пак би дошле видови кои ги населуваат блатата, меѓу кои и тоа како има загрозени. Страшно е тоа што ние со нашите активности значително ја забрзуваме еутрофикацијата и не оставаме соодветно време за некои видови да се адаптираат на промените“, вели Арсовски.

Значењето за сочување на различноста на видовите и едукацијата за вредноста на биодиверзитетот годинава е во фокусот на одбележувањето на Денот на животната средина од страна на Министерството за животна средина. Од таму велат дека последните години Секторот за природа интензивно работеше на Законот за заштита на природата, Националната Стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027) и Националната стратегија за биолошка разновидност со Акциски План (2018-2023), кои се основните акти во чии рамки се трасирани правците на заштитата на биодиверзитетот. Годинава се работи на тоа да се зголеми процентот на заштитени подрачја од сегашните околу 9 до 11,5 отсто од целата територијата на државата, како и на исполнување на Аичи глобалната цел 11 од Конвенцијата за заштита на биолошката разновидност, да се зголеми површината на заштитени подрачја до 15 отсто, да се обезбеди нивно функционално поврзување како еколошка мрежа и да се воспостави ефективно управување со заштитените подрачја во соработка со локалните заедници. Од Министерството велат дека работата веќе резултираше со изработка на студии за валоризација на природните вредности на Шар Планина, Осоговски Планини, Преспанско Езеро, Водно и Националниот парк „Пелистер“, а во тек е изработка на Студија за Ченгино Кале на Малешевските Планини и дополнување на студијата за Студенчишко Блато.

„Изготвена е Националната Црвена листа, со податоци од извршените проценки и конзерваторски статус за сите 46 водоземци и влекачи на национално ниво и за 14-те васкуларни растенија, изготвено е Досие за номинација на локалитетот Длабока Река во паркот „Маврово“ на Прелиминарната листа на УНЕСКО за старите букови шуми и досието е доставено до Светскиот центар на УНЕСКО во Париз. Во соработка со невладиниот сектор изготвена е предлог апликација за номинација на Охридско Езеро и Студенчишко Блато на Листата на Рамсарската Конвенција и интензивно работиме на подготовката на инвентар за идентификација на идни потенцијални Натура 2000 подрачја. Деновиве е одобрен грант IUCN за изработка на Студија за валоризација и Нацрт-План за управување со споменикот на природата Охридско Езеро, како и нацрт-план за управување со идниот Национален парк ‘Шар Планина’“, информираат од Министерството.